Некои луѓе со брашно и вода можат да напраат чуда, а јас можам да напраам лом

Мигрената е излезена од пеколот

Кога ти иде да си ја шутираш главата

Што ја предизвикува мигрената уште не се знае официјално, што ја лечи уште помалку, не знаеме каде е коренот на проблемот. Ама ако нешто е факт, тоа е дека кога ќе почне да боли, боли до степен да сакаш да ја откорнеш главата, да ја удираш и да ја шутнеш што подалеку од себе.

Велат, напиј се апче кога ќе видиш дека ќе почне да боли. Ама, што да правиш кога те „удира“ како молња без најава и нема степени на развој на болка туку веднаш корне како „грешен ѓавол“?

Тие што си страдаме, страдаме тивко, во темница, на ладно, со леѓенот во близина за секој случај, со плачење, тензија, циклични болки што таман мислиш се смириле, ете ги пак.

А ако имаш личност која страда од мигрена, не се обидувај да бидеш мудар со совети кои можеби функционираат кај некого или кај тебе. Затоа, не вели никогаш:

– Мене ми проаѓа само од (име на апче).

– Леле се отру од лекови.

– Ќе се навлечеш и после нема да ти помагаат.

– А имаш ли пробано (инсерт рандом домашен лек)?

– Испиј вода.

– Зошто не пробаш со кафе?

– Знам како е и мене ме болеше прееска.

– Сигурно ти има достудено.

– До толку ли те боли?

– Да не сакаш да те измасирам?

– Да ти исцедам лимон?

– Имаш пробано ароматерапија?

– Вака тетка ми ја болеше еднаш

– Само магнезиум, слушај ме

– На промаја имаш седено или од климата у кола

Не се добредојдени ниту совети од типот на што ѝ помогнало на комшиката, ниту колешката што имала слична болка па ѝ нашле тумор, да, веројатноста дека веќе сме биле на лекар е голема. Да, се имаме снимано. Не, не знаеме што е главен тригер. Да, не секогаш помага истата терапија. Точно е и дека со тек на време сме научиле да бидеме функционални целосно, ама некогаш ни требаат неколку часа мир и изолација од дразби за да се доизлечиме.

Ако се најдете во ситуација да бидете покрај некој што има во моментот мигрена, не палете цигара, не прскајте парфеми и освежувачи, не јадете храна што мириса интензивно покрај нив, покажете барем емпатија. Не зборувајте, ама бидете тука да им подадете чаша вода и апче ако ви побараат. Советите се излишни, мигрената ќе престане во даден момент, но бидете тие кои соработувале, а не тие кои ја влошиле ситуацијата.

Tags
Back to top button
Close