И да врне пак ќе изгорам на плажа!!!

И по дома кожата си е ваша

И треба да ја негувате исто како секогаш

Откако започна социјалното дистанцирање и самоизолацијата, можеби си помисливте: Аха, сега кога сум дома може и нема да треба секој ден да запазувам рутина, а и нема да одам надвор на сонце, ни на загадување.

По 2-3 дена, ете ги, нови акни, малку црвенило и освестување дека мора и по дома да се практикува skincare. Од една страна, припишете го тоа на стресот кој секако го имате, признавале или не. Од друга страна, ни дома не ни е 100% стерилно за да не ни се лепат прашинки и нечистотии за кожа.

А и не е само тоа. На пример, затоа што имате резерви на храна, изборот на оброци ви е ограничен, а и како добри и примерни граѓани сигурно не се туркате секој ден за по 2-3 намирници во маркет. Значи, промените во исхраната влијаат врз кожата, а на вас е да се обидете да ги внесувате сите нутритивни состојки кои ви се потребни, витамини, минерали, антиоксиданси и така натаму.

Физичка активност, нешто за кое немавте време, а сега ви фали, нели? Дури и да вежбате дома, сметајте дека сега го немате редовното пешачење до работа, до автобуска, до паркинг, што дури и да ви се чинело како занемарливо, верувајте, било битно за вашето тело. Нормално е кожата да реагира кога се случуваат промени во метаболизмот.

Воздухот дома можеби не ви е загаден со издувни гасови, но во него може да се најдат најразлично честици кои го контаминираат и лицето. Проветрувајте редовно, не дозволувајте да дишете сув и застојан воздух по дома. Не заборавајте ниту на хидратацијата на кожата, редовно ставајте си од хидратантното кремче или серум, што и да користите.

Стресот веќе го спомнавме, а заедно со него доаѓа и анксиозноста, што во овие услови се сосема разбирливи и очекувани, но тоа не значи дека треба да им се дозволи да ве столчат психички и физички.

Значи, да донесеме заклучок, дури и во карантин си важи дека лицето мора да го миете редовно, да го тонирате и да му давате доволно хидратација. Олеснителна околност е тоа што не се шминкате, па од таа страна си ја олеснувате негата значајно.

Мијте лице, мачкајте крема, секако, мијте раце. Да, уште ќе ве потсетувам на тоа.

Tags
Back to top button
Close