Луѓето кои ми делат совети за мое добро да ми се тргнат од патот за нивно добро. ФМП.

Не си играјте дома јаки козметичарки

Ни сега ни никогаш

Неколкупати досега зборувавме кои козметички третмани можете да ги правите и самите дома, без да треба да се доведувате во ризик ни себе, ни козметичарите.

Но, денес идеме малку поинаку. Ќе зборуваме за козметичките подвизи кои треба да избегнувате да ги правите самите дома, освен ако веќе имате долго искуство во тоа и знаете како. Ако досега некој друг се грижел за вашата коса, на пример, почекајте да се смири ситуацијата за да не направите неповратна катастрофа поради која нема да можете да се погледнете во огледало.

На пример ова:

Обликување веѓи со восок

Веќе ви кажав како да ги потсредите со чупалица, но немој да ве лаже ѓавол да учите од туторијали како да ги обликувате со восок. Ако немате искуство во тоа, може да се случи да не го стопите доволно или да го нанесете прежежок, или па ако го избегнете тоа, да искубете премногу и да не личите на ништо на крај. Мене еднаш ми фалеше пола веѓа ама да не збориме сега за тоа.

Драстични промени на коса

Ако се фарбавте и досега сами во една боја, можете да продолжите. Шишање на шишки не е нешто страшно доколку пазите како го правите, освен ако не ве шишам јас. тогаш е страшно. Но, нека не ви паѓа на памет дека можете сами да направите омбре или да се исшатирате, ниту пак да ја смените целосно бојата на косата. Ако не сте доволно вешти со хидрогенот и бланшот ќе направите повеќе штета отколку добро. За ножици и кратење произволно, нема потреба да дискутираме, нели?

Боење на веѓи

Веѓите ви изгледаат исто како и косата според бојата, но тие влакненца се поинакви и дури и ако ја користите истата боја за фарбање како и за коса, резултатот може да биде различен и да не личите на ништо на крај. Побезбедна варијанта се геловите за нега на веѓи, кои може да бидат нијансирани во различни тонови. Изберете ја соодветната нијанса и користете ја, наместо да боите со боја за коса, која може да предизвика и иритации.

Микродермабразија

Ако звучи доволно комплицирано да не можете да го прочитате од прва, тогаш не го ни правете дома. Секоја форма на физичка ексфолијација треба да се прави кај козметичар, бидејќи ако го направите тоа аматерски, се доведувате во ризик за воспаленија, црвенила, па дури и кожни инфекции. Употребувајте пилинг што е наменет за домашни услови, а механичките ексфолијати ќе почекате да ги правите кај козметичар.

Tags
Back to top button
Close