Ми вика “земи направи место у фрижидер да го стаам ова”, па земав изедов два реда…сеа има место

Најјаките меѓу најизмодерените

Жените кои владеат со модата

Кога е во прашање модата, не можеме да кажеме дали е доминантно женска или доминантно машка сфера. Постојат жени кои се одлични дизајнери за машка облека, парфеми и модни додатоци, а има и обратно.

Нормално дека овој текст не може да помине без да ја спомнеме Коко Шанел, таа ни е неприкосновена. Но, постојат уште многу многу женишта меѓу жеништата без кои светот на модата немаше да биде тоа што е денеска.

Жан Ланван (Jeanne Lanvin)

Таа е една од најстарите модни претприемачки, која во својот салон шиела прекрасни свилени детски фустани со комплицирани везови. Подоцна почнала да креира и фустани за нивните мајки, а веќе во 20-тите во нејзиниот асортиман можеле да се најдат крзна, украси за дома, долна облека, костими за капење и парфеми.

Коко Шанел (Coco Chanel)

Жената која внесе револуција со малиот црн фустан, сакото од твид и првиот парфем со алдехиди. Таа ги воведе панталоните како модно парче за жени, ослободувајќи ги од корсетите и здолништата. Ако некој е симбол за стил и едноставен гламур, тоа е токму Коко.

Елза Скијапарели (Elsa Schiaparelli)

Нејзин заштитен знак беше рачното плетење на разни видови џемпери и употребувањето на патенти, наместо копчиња. Има соработувано со Салвадор Дали за да се инспирира за своите креации. Таа е и првата дизајнерка која доби насловна страница на Тајм.

Соња Рикиел (Sonia Rykiel)

Првата нејзина креација е џемпер за трудници под модниот бренд на нејзиниот маж. По некое време и самата стана познато име, најпрво по плетените фустани, а потоа и натписите кои ги ставаше на нив. Во нејзините линии може да се најде сè, но плетеното ѝ е најпрепознатливо.

Вивиен Вествуд (Vivienne Westwood)

Екстремист во високата мода, нејзините дизајни се женствена класика со панк-детали, а во исто време е и активист за човековите права и за климатските промени. Во 70-тите отвори панк-бутик под името „Секс“, а денес брендот ѝ се вика „Vivienne Westwood Red Label“.

Муча Прада (Miuccia Prada)

Таа е најмалата внука на Марио Прада, која во 1978 година го презеде бизнисот и го направи уште попопуларен од што бил некогаш. Муча е во исто време и доктор на политички науки, а во својата мода покрај естетски, вклучува и своевиден интелектуален пристап. Во 1992 го основаше и сопствениот бренд Miu Miu, независен од фамилијарната Prada.

Каролина Херера (Carolina Herrera)

Прво била модел, а во исто време ѝ била другарка на Дајана Вриланд од Vogue, Која ја мотивирала да почне да дизајнира. Денеска е едно од најпознатите имиња кое се грижи за облеката на А-листата селебрити личности и јавни фигури, а најчесто ја гледаме со бела кошула и широко црно здолниште.

Дона Каран (Donna Karan)

Споственичка и главна во DKNY, нејзините креации се едноставни, шик, а со нив таа успеа во светот на високата мода да ги внесе кежуал парчињата, особено нејзиниот „the Cozy“ џемпер кој може да се носи дури на 12 различни начини.

Стела Мекартни (Stella McCartney)

Стела е активист за правата на животните и во нејзините линии никогаш нема да најдете ниту крзно, ниту кожа, ништо што доаѓа од животни. Како самостоен бренд започнува во 2001 година, а нејзините парчиња може да ги носат и жените кои сакаат висока мода и оние кои преферираат секојдневен стил.

Вера Вонг (Vera Wang)

Vera Wang

Ако некое име постојано доминира на ревиите со венчаници, тоа сигурно е Вера Вонг. Таа сака да експериментира со традицијата и екстраваганцијата. Нејзини венчаници носеа Ким Кардашијан и Викторија Бекам.

Секако, не се само овие. Има уште многу дизајнерки и жени од модниот свет кои вредат и кои придонеле многу за да денешната мода биде тоа што е.

Tags
Back to top button
Close