Кафево е толку добро шо ми иде да му се јавам у среда за излагање!

За што никогаш нема да се извиниме

Апсолутно никогаш

Од мали нè учеа дека ако некому згрешиме, треба да се извиниме. Оттогаш, тоа ни е влезено во срж и почнуваме да се извинуваме за нешта кои ги правиме за себе, ама некој трет таму мисли дека не биле океј и ги сфаќа лично или како некаков напад.

Па така, почнуваме да се извинуваме што сме подобри од некого, што сме избрале нешто што нас ни одговара повеќе, што сме ги исполниле своите очекувања кога никој околу нас не го направил тоа… Се извинуваме за сè и сешто иако нема потреба.

Затоа, не се извинувајте ако:

  1. Покажувате емоции

Нормално дека ќе ги покажувате. Нормално е да сте тажни кога нешто ве растажува, да сте среќни кога ви е убаво, да сте повредени кога ве навредуваат или да сте горди кога ќе постигнете некоја цел. Не дозволувајте некој да ви кажува дека претерувате со реакциите или сте преемотивни. Не сте, само сте луѓе кои соодветно реагираат на она што им се случува.

  1. Барате нешто подобро

Ако ви е добро во моментов, не значи дека не може да биде подобро. Не дозволувајте она „ќути, арно ти е вака“ да ве ограничи во борбата за подобар живот, подобра плата, подобра врска, подобра иднина. Точно, ризикот дека може да биде и лошо е тука, но ако не пробате да целите кон поубаво, ќе си останете во просечноста доживотно.

  1. Ги следите соништата

Многу луѓе паѓаат во делот кога другите им кажуваат што е подобро за нив, отколку да ги следат соништата. Но, никогаш не се извинувајте што сте се нафатиле на подобра работа, ниту пак да се чувствувате виновни што сте заминале од некаде каде не ве ценеле. Нормално е тоа.

  1. Што јадете и како живеете

Секој си го познава телото и знае дали наутро му треба само кафе, овесна каша или две јаболка. Ако некој друг јаде овошна салата, а вие симит и притоа тоа не ви создава проблеми со ништо, нема зошто да се правдате за тоа. Ако се будите во 10:30, нема зошто да му се правдате на оној кој се разбудил во 7. Секој го крои денот според обврските и навиките.

  1. Затоа што сакате или не сакате секс

Вашиот интимен живот е ваша работа и на оној со кого го споделувате. Партнерот кој ве почитува нема да врши притисок ако денеска не сте расположени за секс, а истото ќе го правите и вие во обратна ситуација. Не треба ниту да се правдате зошто сакате повеќе од вообичаено, нормално е ако е добро да сакате повеќе. Сè е нормално додека е со согласување на двете страни.

  1. За својот ПМС и хормоните

Секој нормален знае дека хормоналните промени се нормални и очекувани кај жените. Не, тие не се извинување за тага, нервно попуштање, хистерија, меланхолија, избувливост. Никој не е должен да достави хормонална анализа за да ги увери другите дека не се чувствува добро и стабилно. Во случај да имате лесен ПМС без скокови на хормоните, не коментирајте дека другите се глупираат, не е фер. Покажете емпатија и не ги доведувајте во ситуација да ви се правдаат.

  1. Што сакате време и простор за себе

Луѓето се создадени да комуницираат за да создаваат врски, пријателства, друштва, заедници, фирми, империи. Но, на секого му треба простор за себе, за да види до каде е, што постигнал, што треба да направи, како се променил и за тоа ама воопшто не треба никому да се извинувате.

  1. Што мразите токсични луѓе

Таквите луѓе се секаде околу нас, меѓу пријателите, во семејството, во пријатели на пријатели, роднини на партнерот, колеги и поголеми колективи. Секако дека не е во ред да нападнете некого само затоа што не ви се допаѓа, но не е ни за замерка ако не сакате да соработувате или да бидете во близина со некој што ви ја пие енергијата и ве полни со бес и негативност.

  1. Затоа што сте биле повредени

На секој кој бил повреден со зборови или постапки му треба време да закрепне од тоа, макар и да значи привремено или трајно оддалечување од личноста која ги навредила. Можеби тоа ќе помине за ден-два, за еден месец, за една година, но ако другата страна е свесна дека ве повредила, ќе ви го даде тоа време за да одлучите што да правите, без да ви врши притисок.

  1. Затоа што сте заминале

Ако заминувате од насилна врска, токсична работна средина, посесивно пријателство, па дури и нездрава семејна околина, не треба да се извинувате. Единствено може да се обидете да дадете до знаење зошто го правите тоа, ако има кој да ве чуе. Гледајте си за себе, бидејќи никој не е должен да страда и да губи желба за живот само затоа што некој друг мисли дека така треба. Никој човек не е врзан за едно место, но само треба решителност и храброст за да почнете одново.

 

Tags
Back to top button
Close