Не знам зошто оставате све на кармата, не е убаво да чекате други да ви ја завршуваат работата

Ако е токсичен откачи го

Како да препознаеш нарцис тип

Се дејташ со некој, топ ви е, се разбирате, ти дава внимание, има некои гестови кои другите ги немале, те крева високо, ти става круна, вели немало друга како тебе и си мислиш дека тоа е тоа. Но, пази, огромно црвено знаме е тоа, не знаменце.

Спушти се на земја и сфати дека давањето многу внимание, комплиментите, љубовните испади и слични такви нешта немаат логика кога некој те знае неколку недели. Не е ни нормално така да се однесува, кој и да е. Да ги ѕирнеме едно по едно тие црвени знамиња и да навлеземе подлабоко во нивното значење:

Знаеш дека не чини, ама упорно остануваш

Секогаш те доведува до раб на лудило и не ти е убаво, ама па пак сакаш да му се допаднеш. Ги оправдуваш испадите како моментална реакција, но во исто време постојано се бориш за внимание и одобрување. Од друга страна, не му е гајле кога заминуваш, бидејќи ќе најде друга да ѝ ја пие енергијата.

Секс како контрола

До првиот секс мирен, а после него се однесува како ти да си го молела и се прави дека имате односи само затоа што ти сакаш. Тоа прави да се чувствуваш очајна и мизерна само затоа што сакаш интимност, па дури и те нарекува „ненаситна“, „нимфоманка“ и други зборови што не сакам да ги спомнувам. Во меѓувреме не заборава да нагласи дека не му е до секс и дека му е намалено либидото.

Постојана комуникација како потврда за сериозност

Кога не сте заедно те опсипува со пораки полни со комплименти, љубов, нежни содржини, песни, поеми… Добиваш и по 100 пораки на ден. Ваквата постојана комуникација ја гледаш како потврда за стабилност и сериозност. А, знаеш што? Не е.

Вели дека сте сродни души

Излеговте 2-3 пати, еднаш бевте кај него, еднаш кај тебе и почнува да ти кажува колку си одговарате, колку имате заедничко, колку сте слични, особено ако ти зборуваш, а тој е „воодушевен“ и „не може да поверува“ колку се поклопувате. А бе како создадени еден за друг.

Те споредува со секого

Сè нешто го потсетуваш на сестра му, на мајка му, иста ко комшиката, ко бившата, те идеализира, прави да се чувствуваш посебна. А, како ти се чувствуваш? Како потенцијална замена, така? Некогаш дури и ги прави овие споредби за да те навреди, само што тогаш си иста како мајка ти, колешка ти, другарка ти…

Има објаснување за сè

Се дообјаснува и оправдува дури и за нешта за кои не си го прашала. Навлегува во непотребни детали, а забележуваш дека може да измисли лага додека ти уште уста не си отворила да прашаш. Постојано нешто рационализира, со цел да е што поубедлив.

Шеги што навредуваат

Те уверува дека прави шеги и кажува вицови, ама приметуваш дека со тие шеги те навредува директно или индиректно. Ти ја потценува интелигенцијата, а ако реагираш, ти вели дека си пречувствителна и дека си замислуваш нешта што ги нема.

Те нервира намерно со социјалните мрежи

Постојано лајкува други девојки, им става срценца, коментира, се чекира на места каде бил со другари, објавува содржини и статуси кои провоцираат, дискутира на некои чудни теми, а твоите објави не ги перцепира. Не е дека не видел, ама знае дека те нервира тоа.

Сите сакаат да спијат со него

Бившите го бараат, колешките му се нафрлаат, секоја твоја другарка потајно го посакува, но те убедува дека нема зошто да бидеш љубоморна. Само чисто да си свесна дека е посакуван и дека ако не си ти, ќе биде која било од нив. Не дека нешто де, да си знаеш, да имаш на ум.

Зборува за емоции, а не покажува

Кажува колку те сака и колку му е убаво со тебе, но тоа го прави со едноличен, скоро роботски тон, како некоја вештачка интелигенција направена да слуша команди без да ги доживее емоциите.

Сите мислат дека е супер личност

Другарките не ти веруваат кога им кажуваш колку те гњави, твоите го одобруваат како супер дечко, успева да ги освои сите и да ги убеди дека е најдобар на свет. Тегне врски за твои луѓе, плаќа сметка за цело друштво, им носи подароци на твоите… Она што другите не го знаат е дека сето тоа тебе ти го префрла.

За сè си крива

Ако некој те погледнал по улица, ти си испровоцирала. Ако уште си во контакт со некој бивши, намерно го правиш тоа за да му се вратиш. Провоцира емоции и те обвинува што ги имаш, накратко кажано.

Не му е гајле како се чувствуваш

Кога се обидуваш да му објасниш како се чувствуваш, добиваш само блед „телеќи“ поглед, извежбано ветување дека нема да се повтори и неприменување на ништо од тоа што го ветил.

Му ги знаеш сите бивши

Не дека многу ти се зборува за нив, но тој одвреме-навреме (или почесто) ги спомнува, знаеш како се вика, каде живеела, што работи, дека се среќаваат секој ден по улица, па дури и каде биле на одмор, како си поминале… Сè што не те интересира, ама те повредува знаејќи го.

Треба да го учиш на основни работи

Неколкупати се ловиш себе како му ги објаснуваш основите на меѓучовечката почит, како треба да се однесува зрела личност, што е искреност, што љубезност, кое однесување е соодветно, а кое повредува. Нешто што мајка му требала да го научи многу одамна.

Префокусиран е на твоите грешки

Памти сè што си направила и згрешила (според него), а во исто време ако се обидеш да му укажеш на негова грешка, често те обвинува дека ти си виновна за тоа или го врти муабетот во насока во која ти си уште полоша од што беше на почетокот на разговорот.

Треба да останеш совршена

За него е нормално да ти исклучи телефон, да те остави на seen со саати, да се допишува со други, да те навредува и деградира. Но, ти треба да останеш совршена, таква каква што беше кога ја почнавте врската.

Забораваат кои се навистина

Зачудена си од леснотијата со која се претвора во друга личност пред колегите и пријателите. Се прашуваш колку скриени личности има во тоа дело. Секако, најлошата од тие личности доминира кога сте сами и таква е само кон тебе.

Сите околу нив се никакви

Бившата била луда, другата посесивна, другарите биле сељаци, трети не чинеле, сите се за никаде, пијаници, алкохоличари, само тој е најдобриот, најпосакуваниот, најстабилниот, сè нај! Среќа твоја што со него заврши, инаку кај ќе ти беше крајот?

Знае каде си најранлива

Кога треба да те освои нема да му пречи што можеби имаш некое килограмче вишок, туку ќе те убедува дека си секси. Ќе ти вели дека обожава коса токму како твојата, дека имаш најдобра смисла за хумор. А кога ќе те освои, тие предности наеднаш ќе станат пречки.

Има забелешки за тоа како изгледаш

Секогаш коментира дека си можела да облечеш друга боја, друга маичка, други фармерки, да ставиш друг кармин, да го зачешлаш патецот на другата страна. Алармантно е кога поминуваш повеќе време пред огледало толкувајќи дали ќе го одобри сегашниот изглед или треба да пробаш со нешто друго.

Секоја караница може да е последна

Ти има всадено таков страв што мислиш дека секогаш кога ќе се скарате ќе те остави, дури и кога тој е крив за караницата. На крај, тоа завршува со твое извинување, бидејќи мислиш дека губи интерес во тебе.

Успешните луѓе му пречат

Кога некој има пари, тогаш крадел. Ако некој е среќен, којзнае што зема за да биде таков. Ако некој брак е стабилен, сигурно се изневеруваат. Ако сакаш да задржиш мир во својот живот, ќе најде начин да ти го наруши.

Сите се ненормални, само тој е нормален

Кога му даваш до знаење дека си свесна дека е токсичен манипулатор, ги игнорира доказите и ти се нафрла со лутина и навреди, нарекувајќи те ненормална, луда и дека си умислуваш нешта што не постојат.

Треба да гаташ што мисли

Кога нешто ти се лути, а не знаеш зошто, нормално е да си прашаш. Точен одговор нема да добиеш, нормално, туку само „Јас ли треба да ти кажам?“ или „Знаеш ти зошто“ и треба да чувствуваш некаква си грижа или да гаташ што мисли.

Ја цеди секоја капка енергија од тебе

Себичноста е жед за внимание. Ќе те исцеди психички, само за да извлече од тебе воодушевување и афирмација. Никој не може да ги задоволи, така што не е до тебе кога ти изгледа дека не си доволна. Вистината е дека дури ни најцврстата и најстабилната личност не може да ја пополни празнината во душата на еден социопат и нарцис.

Исцрпена си после него

Излегуваш со партнер за да си поминеш убаво и да те исполни со позитивна енергија. Но, ако во твојот случај се враќаш дома полудена, несвесна каде се наоѓаш, исцрпена, шокирана и празна, треба да знаеш дека ниедна нервна клетка веќе не е вредна и дека треба да престанеш да бараш причина да останеш.

 

Tags
Back to top button
Close