Се додека не измислат други бои за мене црно-бела комбинација е кралица на елеганција

Љубомората не е љубов

Да разјасниме еднаш-засекогаш

Холивуд ни ја презентира љубомората како романтична појава, која во одредена доза е здрава и корисна за врската. Но, вистината е дека таа потекнува од чувството на несигурност, страв од напуштање и недоверба во партнерот, која пак потекнува од недовербата во себе.

Факт е дека таа е природно чувство кое треба да научиме самите да го менаџираме или пак да го споделиме, за да може некој да ни помогне во тој процес. Она што филмовите го романтизираат е чувството на вљубеност и желба да бидеме со некого, но и негативните чувства кои се појавуваат кога тоа не е возвратено или кога личноста која нè интересира е заинтересирана за друг.

Кога љубомората се појавува во врската, во најголем број случаи преминува во болна и патолошка и тогаш воопшто не е слатка и наивна како што ни се чини. Напротив, може да биде измачувачка, емоционално да ги исцрпува двајцата партнери и во најлош случај да доведе до насилство во која и да е форма.

Знаците по кои ќе препознаете дали вашиот партнер е љубоморен се:

  • Постојано ве обвинува дека флертувате, дури и со оние кои ви се пријатели
  • Манифестира негативни чувства кон вашите машки пријатели, па дури и роднини
  • Воспоставува шема на постојана контрола со повици и пораки, дури и кога сте на работа (или на училиште или факултет)
  • Инсистира да ја дознае лозинката од вашиот профил на Фејсбук или Инстаграм, за да се осигура дека не се допишувате со некого
  • Не го почитува вашето слободно време и се лути и избувнува кога сте со своето семејство или пријателите
  • Го интересираат вашите службени и приватни телефонски разговори и постојано ве испрашува
  • Контактира со личностите со кои сте биле излезени, за да се увери дека навистина сте биле со нив
  • Инсистира да биде присутен кога сте со вашите пријатели
  • Ги слуша вашите телефонски разговори и поставува прашања во врска со нив

Има уште многу многу примери како партнерот покажува болна посесивност и љубомора, а вие можете или да помогнете тоа да престане или да заминете. Ваквите љубоморни испади се сериозно исцрпувачки и личноста е изморена од постојано оправдување на своите постапки и бранење на себе пред партнерот, иако за тоа апсолутно нема никаква потреба.

Верувањето „Љубоморен е затоа што ме сака“ е само утеха пред самите себе и љубомората не носи ништо корисно за врската, напротив, ја троши и ја доведува до момент кога веќе нема начин да биде спасена. Од една страна е разбирливо ако сакате да ја спасите својата врска и се потрудите да го уверите партнерот дека нема потреба од љубомора, но од друга страна дали сакате по секоја цена да го направите тоа?

Секоја здрава врска треба да има граници на компромис и разбирање. Љубомората на партнерот во никој случај не значи дека треба да бидете под негова контрола, ниту пак да се обидувате пред самите себе да ги оправдате таквите негови однесувања.

Истото важи и во обратната ситуација. Ако вие чувствувате љубомора, започнете да барате начин како да го надминете тоа, пред таа целосно да ве „изгризе“ однатре и да ја уништи врската. Патолошката љубомора е тешка, опасна и во одреден момент насилна, односно е една од препознаените форми на психолошко насилство.

Врските со вакви личности воопшто не се лесни, бидејќи е навистина комплицирано да се остане присебен во ситуација кога партнерот манифестира болна патолошка љубомора. Најлесно би било да се прекине ваквата врска, бидејќи дури и ако некогаш имало љубов, таа е веќе загушена од љубомората и е многу тешко да се спаси и опстане понатаму, без ризик сето тоа да се повтори.

Tags