Секој ден наоѓам време да им кажам на моите најблиски дека ги сакам пошо луѓето треба да знаат на шо се!

Како да помогнеш на жена во насилна врска

Бидете многу внимателни со жртвата

Жените кои се во насилна врска се соочуваат со голем предизвик да бидат  да бидат сфатени сериозно од институциите, бидејќи најчесто како алармантна се перцепира ситуацијата во која кај неа се видливи модринки и физички повреди. Но, што кога е изложена на психичко насилство? Што ако партнерот ги контролира сите заеднички приходи (форма на насилство: економско)? Или пак на присилува на интимни односи кога таа не сака (форма на насилство: сексуално – силување во брак)? Зошто е опкружена со неверување и игнорирање?

Уште потешко е кога жртвата не е свесна дека ѝ се случува таква форма на насилство, а кога нејзините пријатели и семејството ќе пробаат да ѝ дадат до знаење, неа ѝ е потребно време за да го „прими“ тој факт, да се освести и да препознае што навистина ѝ се случува. Токму ова е причина што ретко се пријавуваат овие форми на  насилство и жената не ја добива потребната помош.

Но, ако се сомневате дека ваша пријателка или роднина преживува нешто такво или пак целосно сте ги препознале знаците, сигурно е дека сакате на секој начин да помогнете. Сепак, тешко е, бидејќи голема е веројатноста да одрекува, да не сака да се отвори или да мисли дека правдањето пред партнерот, положување сметка за секој чекор и оддалечување од нејзиниот живот надвор од врската се сосема нормални. А знаеме дека не се.

Прашањето е, како да постапите?

  1. Не вршете дополнителен притисок да се отвори

Сигурно првата помисла ви е да прашате директно, но не секоја жртва е спремна да се соочи со тој факт и да зборува отворено. Ако ѝ дадете до знаење дека може да ви верува и дека сте тука за да помогнете, тогаш можете да започнете со разговор, предлози за опциите за помош преку институциите, граѓанските организации, СОС линиите и терапевти кои се специјализирани во оваа област. Можеби нема да ви се отвори вам, но кога ќе знае дека постојат места каде може да се обрати, за неа ќе биде поедноставно да  побара помош.

  1. Потсетете ја дека не е виновна за тоа

Ниту една жена не „си го бара“ и ниту една караница не смее да е причина за изложеност на насилство. Секоја нејзина постапка насилникот ја гледа како провокација за да ја продолжи тортурата. Ако имате пријателка која е во ваква ужасна ситуација, потсетете ја дека тоа не е нејзина вина во ниту еден случај. Тоа ќе ја охрабри, може и да и помогнеда ја побара потребната помош и поддршка, дури и акотоа значи напуштање на средината и привремено засолнување кај роднини, пријатели или во шелтер со кој раководи државата или граѓанска организација која се бори против насилство врз жените.

  1. Потсетете ја дека е сакана

Насилните врски резултираат и со уништена самодоверба. Таа може да мисли дека не е вредна за сакање, дека е лоша личност и дека без партнерот би била „никој и ништо“. Можете да ѝ помогнете да најде хоби, да се дружи повеќе со пријателите, да работи на себе, но притоа, ова треба да го правите внимателно, за да не донесе уште повеќе насилство врз неа, бидејќи никој не може да предвиди како насилникот ќе се однесува. Токму поради тоа треба да бидете нејзина поддршка ако реши да пријави, а во целиот тој процес не заборавајте да ја потсетувате дека вреди и дека заслужува многу подобро од тоа.

  1. Сфатете ја зошто се враќа

Една жртва ќе се врати барем неколкупати пред конечно да реши да ја напушти насилната средина. Причините за тоа се перцепцијата за сопствената вредност, која е срамнета со земја, ветувањата на партнерот дека ќе се промени, желбата да спаси нешто во кое вложила време, енергија и емоции, но и стравот од осудување од средината, особено од нејзиното семејство. Сепак, направете максимум што можете да ја поддржите да замине,  бидејќи никогаш не се знае кога тој ќе реши да употреби физичка сила врз неа.

На крај, секогаш можете и вие да се јавите на СОС линија, да пријавите во полиција или во организација која нуди заштита и поддршка. Секогаш овие сервиси нудат максимална доверливост и работат во корист на тоа жртвата да се спаси од насилството и што побрзо да се врати  нормалниот тек на нејзиниот живот.

 

Tags
Back to top button
Close