Напни ме уште малце па да си го прославиш големиот празник Инојавление

Премногу чиста кожа не е на арно

Дури е и штетно

Еден од најголемите трендови за 2020 кој се задржа досега е слоевитата грижа за кожата, односно тоа што го нарекуваме „скинкер“ рутина.

Минатата година речиси секоја жена почна со попосветена и посериозна нега, која вклучува пилинзи со киселини прилагодени за домашни услови, активни состојки, борба против полнење на порите со себум и нечистотии, користење заштитен фактор и редовна хидратација.

Она што можеби потсвесно го знаевме, но не си го признававме, е дека ако се претера со активна нега, може да ја оштетиме кожната бариера и сите тие корисни бактерии и микроорганизми кои помагаат надворешните нечистотии да не навлезат во порите. Бариерата може да се оштети ако предолго користиме механички пилинг, маски за лице кои предолго ги држиме, па дури и продукти со одреден процент алкохол. Ова може да доведе до иритации и црвенило, па дури и до генерално лош изглед на кожата и нијанса на тен која е далеку од здрава.

Решение, цела среќа, има и тоа повеќе од едно. Наместо серуми со активни состојки, во деновите за одмарање користете ги оние богати со пробиотици, витамини и секако, со хидрирачки својства. Она што не смеете да го заборавите е секако, заштитниот фактор, бидејќи сонцето е тоа кое најмногу може да го оштети површинскиот слој на кожата.

Тајната на успешната „скинкер“ рутина е умереноста. Не треба секој ден да ексфолирате со киселини, ниту да користите силни активни состојки како што е ретинолот или нијацинамидот. Сите информации веќе ни се достапни насекаде, па затоа не е тешко да се состави домашна рутина.

Ако кожата ви изгледа дехидрирано, веројатно претерувате со тонирање или пилинзи и потребно е неколку дена да ја закрепнете со помош на хидратантни креми, по можност богати со алое вера и хијалуронска киселина. Ако ви изгледа посува од вообичаено, можеби не ги измивате добро препаратите за миење на лицето. Искористете маслен и потоа воденест чистач, па исплакнете убаво. Ако се борите против мрсна кожа, но станува уште помрсна и има повеќе акни, веројатно сте претерале со многу продукти наеднаш.

Претерувањето со производите може да има спротивен ефект, па дури и да предизвикате црвенила и воспаленија, кои потоа мора да ги види дерматолог, за да добиете соодветна нега. Да, вие точно знаете што ѝ одговара на вашата кожа, но затоа и треба да бидете разумни и умерени во користењето на козметичките производи.

 

Tags
Back to top button
Close