Кога некој после терминот пушење ќе се истакне со “а цигари?” јас вадам одма тефтерче и ја запишувам таа убиствено пресмешна финта евер

Муабети што не треба да ги правиш

Освен ако си сељак, тогаш е ок

Без разлика колку и да одиме напред како цивилизација, секогаш ќе ги има оние кои ги интересира сè и сешто за другите, кои сакаат да се пикаат таму кај што не му е место, да се однесуваат несоодветно само затоа што „никој не рекол и не пишал дека е забрането“, до степен вам ви паѓа незгодно што ги слушате тие прашања и коментари, а тие лабаво си тераат натаму на ист начин.

Најпрости примери со кои се среќаваме секојдневно се на пример прашањата како „Кога ќе се земете?“ или коментари од типот „Ајде, кога деца?“, како и „Колку зимаш плата?“, што дури и не ти се верува што те прашуваат, потоа неминовното „Осигуран/а си?“… Ако нешто треба да нормализираме, тоа е да можеме подеднакво да вратиме на овие луѓе. Или барем да ги напишеме правилата, еве јас се нафаќам да покријам дел од нив.

  • Не поставувај прашања што знаеш дека некого повредуваат или што не сакаш да ти бидат тебе поставени.
  • Не замарај со твојот музички избор, ако на другите не им се допаѓа. Едноставно, договорете се.

  • Не се дери на телефон, те слушаат од другата страна на слушалката, дури и ако се во Австралија.
  • Не коментирај дека детето-единец е или ќе биде осамено, некои сакаат едно дете, а и не е твоја работа.
  • Не коментирај дека на некого косата му е ретка, дека има нови акни на лицето, дека има промена во физички изглед. „Леле колку си слаба ко соленка“ е исто незгодно ко „Леле колку си дебела ко…“ Верувајте дека веќе знаат, имаат огледало, а и големи се шансите зад сето тоа да има некоја клиничка слика која сигурно не би сакале да ја правдаат пред вас.

  • Оставете ги луѓето кои се среќни и не повредуваат никого, ни луѓе ни животни, со тоа што го прават.
  • Не си земајте за право да скролате по нечиј телефон кога нешто ви покажува. Почекајте да ви одобрат да вртите напред или назад, но ако не ви речат ништо такво, нема потреба ниту да прашувате дали може да го правите тоа.
  • Не земајте ја сцената на некој друг. Нема потреба вие да сте ѕвезда на туѓ роденден, свадба или друга прослава.
  • Почитувајте го распоредот на спиење на другите. Можете да ги разбудите по телефон само ако сте договорени така.
  • Кога одите по улица, не се однесувајте како да сте ја наследиле од дедо ви. Никаде не е напишано дека не треба да се движите по средина на тротоарот, но коректно и одговорно е да го правите тоа по една страна и да не коментирате кога се разминувате. Едноставно, држете до својата траекторија и ако треба да застанете, потргнете се настрана.
  • Не попречувајте пат со количките за пазарување, а ако ги користите тие од маркетот, вратете ги на место, не ги оставајте на паркингот.
  • Не одете ненајавени никаде, дури ниту кај најблиски. Можеби имате некого кај кого можете да отидете без да се најавувате со денови однапред, но во секој случај е коректно дури и ако поминувате покрај нивниот дом, да прашате дали се слободни да ве примат.
  • Разбирлива е вашата желба за здрава исхрана, но непријатно е да носите на работа риба, јајца, зелка и други работи кои создаваат тежок мирис, особено доколку немате посебна просторија за јадење или бифе во фирмата.

  • Не инсистирајте на братска делба на сметка ако вие сте изеле храна која чини 1000 денари, а некој друг изел оброк од 300 денари. Всушност, оној кој има најмалку за плаќање може да понуди братска делба. Некој можеби е излезен со последните пари пред плата или побарал од дома за да се види со вас на ручек, имајте обѕири. Што нè води до…
  • Ако некој друг части, не морате да го нарачувате најскапото од менито. Држете се до вообичаените навики и не глумете лудило.
  • Ако не сакаш да се тетовираш и не ти се свиѓаат тетоважи не мора да поставуваш глупави прашања на темата.
  • Кога ќе ве прашаат пријателите за помош што да купат за роденден на вашето дете не им давајте опција која е прескапа ако не знаете колкав буџет имаат.

Сигурно ќе се сетам на уште нешто, ова се само првите што ми паднаа на памет. А и не се баш малку, реално. Ако нешто од ова правите, време е навистина да престанете. Не ги ставајте другите во незгодна ситуација да ви одговараат на прашања кои не се ваша работа, а и немате ништо посебно од тоа ако го знаете одговорот. Ништо не ви значи дали некој е осигуран на работа или колку плата зема, со кого се гледа и дали планира нешто што вас баш ве интересира од причини никому јасни. Гледајте си ја вашата работа и вашиот живот да не налетате на некој кој знае исто така малограѓански да го коментира вашиот живот па да биде весело за двете страни.

Tags
Back to top button
Close