Тоа што не те убива има план Б

Микроагресија е одвратно

Знаеме ли што е микроагресија и кога се случува?

Микроагресија е појава на вербални напади кои изгледаат прилично наивно, но само тој кој е цел на истата јасно знае дека всушност е намерен обид за навредување и повредување, врз каква и да е основа.

Во светот се среќава како коментари и начин на однесување кон некој што е различен. На пример, дека Азијатите сите изгледаат исто или па дека по нечиј нагласок не се познава дека „не е наш“. Може да се сретне и како „Ич не се приметува по зборувањето дека си од (некој град)“, после „Нешто многу покажуваш пари како за работник во приватно“, или пак „Многу слободен ко за верник“, „На слика ми изгледаше поинаку“, „Не личиш на вегетаријанец“ и милион такви примери. Психолози пишуваат томови и томови на оваа тема.

На оние кои не се засегнати од коментарот, им личи како да е навистина наивен, но оној кој е цел, знае дека тоа е директна навреда, без користење на навредливи зборови. На пример, на состанок на работа, кога некој зема збор, па наеднаш не успева да се доискаже бидејќи сите земаат во право да прекинуваат. Ова е особено изразено кога тој што зборува е на пониско ниво во систематизацијата на фирмата, а тој што е на повисоко мисли дека е над него.

Микроагресијата е резултат и на општи стереотипи, но и на индивидуално расположение на поединец кон друг поединец. Иако се чини дека ништо страшно не се случува, оној што е цел на микроагресија всушност е жртва и после настанот се чувствува неудобно и навредено. И може цел ден да мисли на тие зборови и да си го уништи расположението.

Микро е затоа што не е наменета кон цела група, раса, култура или традиција, туку кон еден претставник, сублимирајќи ги сите можни постоечки стереотипи. Кога во „шегата“ ќе се придружат и други колеги, пријатели или познаници, тоа е веќе реален напад и не може никој да се брани со „не мислев ништо лошо“ или „не навредив никого“.

Во микроагресија спаѓаат и коментарите за тоа колку е некој висок/низок, слаб/дебел, каква коса има, дека треба да оди на фризер, дека треба да се нашминка, да ја смени косата, дека црвена му стои подобро од плава, дека многу вика кога зборува, дека е претивок кога зборува, дека „очекував друго од некој како тебе“… Што е тоа „некој како тебе“? Знае ли некој да објасни?

Ваквиот тип на агресија не е обична нељубезност и „без осет“. Ова е наменето кон конкретна личност и конкретен „недостаток“, дискредитирање на она што го прави само затоа што е од друг град, друг пол, поинаку се облекува, премногу молчи или носи храна од дома, сеедно. Клучно е тоа што остатокот од колективот или пријателите не сфаќаат дека е сериозен проблем, бидејќи им личи на обична шега која никого не повредува.

Има и такви агресивци кои не сфаќаат дека се агресивни и за тие има надеж да се средат ако им се даде до знаење. Најголем дел од нив само мислат дека се пресмешни, а не се. Многу често микроагресијата се манифестира преку социјалните мрежи, а веќе е до толку присутна што голем дел од нас знаеме дека постои и ја забележуваме секојдневно, неретко и самите сме жртви на истата.

И да, овие „ситни“ шеги повредуваат луѓе. Не кошта ништо да бидете љубезни, особено со оние за кои не знаете што им се случува во приватноста.

Tags
Back to top button
Close