Од ладно сервирам само одмазда се останато пикам у микро

Беше ли навистина фустан за одмазда?

Секој урбан мит има и приказна

Со денови се зборува, а и уште ќе се зборува за тоа фамозно интервју на Хари и Меган, па споредби со принцезата Дијана и нејзината судбина и секако, неминовно е да се спомне и одмаздничкиот фустан кој таа го носеше истиот ден кога се обелодени аферата на нејзиниот сопруг.

И нормално, фустанот е нешто што го паметиме многу од нас, но ме заинтригира дали навистина беше одмазднички или пак, ќе го носела без оглед на случувањата од тој ден. Оваа креација за кратко време стана исконска и до ден-денешен се поврзува со одмазднички изглед, за како наводно да сфати Чарлс што губи, а јавноста да не ја сожалува принцезата поради ситуацијата во нејзиниот брак.

Парот беше разделен уште на самиот почеток на 90-тите, а овој изглед е од 1994 година, додека пак разводот започна во 1995 и заврши во 1996. Во меѓувреме и принцезата имаше афери и веројатно од тој аспект не е многу за жалење, но темата денес е токму тој популарен одмазднички фустан, кој станува вирален на секои неколку месеци, а речиси никој не обрнува внимание на неколку факти, меѓу кои и:

– Епитетот „одмазднички“ го има добиено за време на музејска аукција во 2013, а тоа го потврдила и Кери Тејлор, која ја организирала аукцијата

– Дизајнерката Кристина Стамболијан го дизајнирала овој фустан специјално за Дијана три години пред првпат да го облече во јавност

– Принцезата планирала да носи фустан на Валентино, но наместо тоа, го избрала дизајнот кој веќе го имала во плакар

– Таа сакала да постигне „изглед од милион долари“, според тврдењата на тогашната стилистка Ана Харви, но никој со сигурност не може да потврди дали тоа било знак на одмазда

Сите сакаме да веруваме во бајки, а кога бајките имаат и принцеза, стануваат уште попривлечни. Дали одмаздата беше само мит, нема да дознаеме никогаш.

Она што останува факт и после толку години е дека црниот фустан и до денес останува едно од задолжителните парчиња облека на секоја измодерена жена која ужива во елеганција и класика.

 

Tags
Back to top button
Close