Мразам нелојални луѓе и меки кисели краставички

Комплексот на жртва

Да помогнеш или да бегаш?

Да бидеш околу некој кој е постојано незадоволен од животот воопшто не е лесно. Некогаш тоа се луѓе кои ги сакаме и ни значат, се обидуваме да им помогнеме, но тие сметаат дека не заслужуваат добри нешта.

Имам впечаток дека многу од нив кога би си го средиле животот, дури и најидеално што може, повторно не би биле задоволни бидејќи тогаш ќе нема за што да се жалат и кукаат. За овие луѓе велат дека имаат „ментален склоп на жртва“ или „комплекс на жртва“ и вистина е дека во даден момент во животот страдале, им се случило нешто лошо и тоа оставило последици врз нив. Овие два термина не се официјална дијагноза, ниту постојат во психологијата, ама ко што стојат работите, би требало. Но, наместо да го надминат, постојано го преживуваат и во себе и пред другите. Некогаш на сите ни била потребна утеха и поддршка, а често и со кажување на своите проблеми на глас, успеваме полесно да се избориме со нив.

Сепак, некои луѓе како никогаш да не сакаат повторно да бидат среќни и постојано зрачат со негативност. Сум помислила дека тоа им е комфорна зона, дека им годи сожалувањето, па дури и дека поинаку не би се снашле во животот. Исто, се прашувам и дали им е потребна поддршка од другите, или па сакаат да избркаат сè живо од околу себе и да продолжат да бидат убедени дека се малери, баксузи и дека ништо убаво не им е „пишано“ да им се случи.

Сум помислила дека тоа е и карактер, нешто што го имаме отсекогаш, на што нè научиле од дома, ама па не сакам да верувам дека некој си го учел детето дека сè околу нив е лошо или дека не го заслужува најдоброто, во граници на можностите. Ситуацијата излегува од контрола кога овие личности не ги гледаат позитивните и убавите нешта околу нив и дозволуваат да бидат засенети од сè останато – најчесто спомени од нешто лошо во минатото. Од една страна, „мисли позитивно“ не помогнало на никого, а од друга страна дружењето со овие луѓе или да сте во врска со нив е предизвик, бидејќи може да влијае врз целосниот однос.

Кај овие луѓе забележлива е нарушената самодоверба, незадоволството, мрзеливост, проблеми со себе, факт е дека траумата остава траен белег врз оној кој го преживеал тоа, но што да правите ако се најдете во таква ситуација? Да помогнете? Да бегате што подалеку?

Не би одела подлабоко во тоа што предизвикува вакво однесување, но сум слушнала за примери кога на тој начин се придобива наклонетоста на другите, се предизвикува поголема емпатија, па дури и се користи ситуацијата за да слушаат афирмации. Имало и такви кои тоа го злоупотребиле, бидејќи им е единствен начин да добијат внимание. Она што во цела ситуација е спорно е што после преминува во навика и овие луѓе едноставно се помируваат дека нема да биде подобро, дека ќе бидат одбиени, дека нема да излезат на дејтот што го планираат, дека другиот кандидат ќе ја добие работата и веројатно ќе бидне така на крај, поради негативноста која ја зрачат.

Знаците по кои ќе препознаете дали некој, евентуално вие, страда од ваквиот комплекс се:

-Постојана пасивност, откажување и неудобност со секоја постапка, поради страв од неодобрување

-Ниска самодоверба, откажување, барање оправдувања и бегање од реалноста

-Верување дека другите се одговорни за тоа каков е вашиот живот

-Постојано обезвреднување на своето постоење

-Помирување со просечност, без желба нешто да се подобри

-Верување дека самите немате контрола врз случувањата и обвинувате други кога нешто не ви оди

-Силно верување дека заслужувате подобро, за што и сте во право, но притоа се споредувате со други

-Губење контрола врз животот кога настаните се неповолни

-Имате оправдување зошто се откажувате пред да се обидете

-Однесувањето ви е самодеструктивно

-Се чувствувате лошо затоа што сте ужасни кон себе

-Секогаш некој друг е виновен за тоа

Самокритичноста е она што во вакви ситуации спречува да одите напред. Вашето лошо однесување е тоа кое ве прави несреќни и не ви дава да ја видите другата страна на нештата. Доколку пак вие не страдате од ова, а знаете некој кој страда, можете да ја понудите вашата поддршка, да зборувате, да давате позитивни примери, секако, додека го можете и самите тоа. Ако нема соработка од другата страна оваа помош би се одвивала доста тешко.

На вас е да процените до каде можете да одите и истрпите во вакви случаи, бидејќи лесно може да се случи таквата состојба да премине и на вас. Но како и да е, никогаш не дозволувајте некој да ве убеди дека не заслужувате убави нешта во животот. Ако сте од другата страна, дајте колку што можете од себе да ја подобрите состојбата на личноста која ја сакате. Не е лесно, бидејќи се работи за комплексна појава, но вреди да се обидете кога личноста ви е битна.

 

Tags
Back to top button
Close