По друг одам мајче, со друг шетам

Траумите не се оправдување

Сите околу вас ги имаат

Да се преживее траума не е лесно, без разлика која била причината зад неа. Никој не ужива во тоа да му се случува нешто лошо, а последиците, знаеме, можат да бидат тешки и поразителни за нас. Многумина бараат стручна помош во процесот на закрепнување, но некои можат и самите да го надминат тоа.

Иако траумите ќе нè променат на еден или друг начин, тие не треба да нè направат полоши личности. Напротив, никој не е имун на немили настани од животот и нормално е да ни влијаат на најразличен начин, но сепак тоа не е причина за да бидеме луѓе без емпатија, без одговорност и без намера да си помогнеме да го надминеме сето тоа.

Посттрауматското стресно нарушување не е веќе табу, дури и треба луѓето да бидат похрабри кога е во прашање истото, да бараат помош и да се обидат да го решат, а со тоа да го намалат и влијанието врз секојдневните активности, професионалноста, комуникациските вештини, односите со пријателите, семејството и партнерот, дури и ставот кон животот општо.

Но, таа траума не смее да ви биде изговор за:

Непреземање никаква одговорност за своите постапки

Привремено може да биде причина зошто одложувате некои обврски или избегнувате да контактирате со некого. Но, тоа не смее да остане траен начин на однесување. Не заборавајте дека сите луѓе околу вас преживеале или преживуваат нешто непријатно, а сепак одржуваат разумно ниво на комуникација и можеби со потешкотии, ама ги исполнуваат своите обврски и стојат зад своите постапки. Ако ви треба повеќе време, можете да земете одмор, па дури и неплатен или привремено да се повлечете и да комуницирате само со одреден број на пријатели. Но, во даден момент ќе треба да се вратите на нормалниот животен тек, без да дозволите траумите да ве дефинираат како личност.

Лошо однесување кон другите

Сите наши минати искуства придонесуваат да бидеме личноста која сме сега, вклучително и оние лошите и непријатните. Луѓето со трауми може да развијат проблеми со контрола врз бесот, агресијата, да не можат да веруваат на другите, да имаат разнишана самодоверба, постојано да се лутат, но ништо од ова не е причина да се однесувате лошо кон оние со кои секојдневно комуницирате. Секој кој знае низ што сте поминале, одреден период ќе има разбирање за тоа, но по некое време се очекува да почнете да закрепнувате и не, „Тоа е што е“ и „Што да правам, таков/таква сум“, не смее да ви биде начин на живот. Препознавањето на овие слабости е значаен чекор во надминувањето на траумата и соочување со последиците.

Очекување сите да ве жалат

Секој има свои битки кои треба да ги извојува. Некогаш ќе победи, некогаш ќе изгуби, а некогаш ќе направи компромис за да биде нерешено. Многу е лесно да се повикате на немил настан од минатото, смрт на блиска личност, пропаднат брак, уништено пријателство, семејни проблеми или лична несреќа и да очекувате дека ќе имате здрави и силни пријателства, врски или меѓуколегијални односи. Нормално е дека во даден момент луѓето ќе сочувствуваат со вас, но не смеете да ги доведете во ситуација да мораат да „газат на јајца“ и да внимаваат што зборуваат пред вас, само затоа што тоа може да предизвика ваше губење на контрола врз емоциите.

Никој не вели дека е лесно, ниту дека ќе биде лесно во иднина. Но, покажете трпение, дајте си доволно време и вратете се на секојдневнието, бидејќи вашите работа, пријателства, врски и семејни односи зависат од вас, исто колку и од другата страна.

Tags