Вие сите што на спомнување на терминот „пушење“ се истакнувате со „а цигари?“ што имавте денес за ужинка у школо?

Токсични кон сами себе

Како успеваме да си го направиме тоа?

Токсичноста иако често се однесува на однесувањето на едни лица кон други, се случува и да си ја правиме самите, со тоа што судиме, се замараме со она што не е наш проблем, не преземаме конкретни чекори да ни биде подобро и се фаќаме себе дека ликуваме кога некој ќе згреши.

Луѓе сме, нормално е да го сакаме најдоброто за себе и за оние кои ни значат и да ни оди на нерви кога некој кој не заслужил добива повеќе кредити за нешто, за што не ни мрднал со прст. Слично е и кога не ни оди нешто во живот и иако не е од клучно значење, нè нервира што на некои други им оди, на пример врска, диета, слободно време и така натаму.

И кога ќе помислиме дека некој друг нè труе и прави да се чувствуваме лошо, можеби најпрво треба да подразмислиме да не случајно самите си го правиме тоа. Ова се неколку случаи од кои сигурно сте доживеале барем еден:

  1. Се чувствувате лошо кога некого ќе одбиете

И сте ко, „Може требаше да излезам“, „Којзнае што имаше да ми каже“, „А зошто воопшто одбив“, проследено со некоја неоправдана грижа на совест и притоа сте свесни дека ич не ви се излегуваше. Ако до толку се мачите, обидете се да исконтактирате пак и да договорите друго време, но реално, баш и не морате ако не ви е до тоа.

  1. Имате чувство на вина кога сте сами

Сите околу вас се дејтаат, во врска се или во брак, но вас ви е убаво сами. Сепак, скроз е нормално да не сакате никаква романтична интеракција баш сега, иако околу вас „фрштат“ коментари од типот „Ајде време ти е“, „Што чекаш“, „Светле и баба стана“…

  1. Постојано се дејтате и влегувате од врска во врска

Во ова нема ништо здраво и е целосно спротивно на точка 2, бидејќи јасна е потребата да бидете со некого, но никогаш по која и да е цена. Поради тоа, воопшто не е добро за себе постојано да сте на дејт или веднаш штом ќе раскинете, да барате некој друг за да се впуштите во нова врска.

  1. Се обидувате да им се допаднете на сите

Сигурно познавате барем една личност која со сите е нападно фина и сте забележале како ги адаптира своите желби и интереси само за да биде прифатена и да им се допадне на сите. Ако и самите го правите тоа, лошата вест е дека си правите себе лошо, но добра е што можете да го запрете тоа точно сега.

  1. Кога сте во врска, заборавате на сите

Убаво е во првите моменти кога сакате да сте постојано со новиот партнер, но врската не значи дека треба да заборавите на сите кои претходно ви го исполнуваа животот и ви го правеа значаен. Не треба да се плашите од тоа дека партнерот ќе ве остави, бидејќи кога ќе сфатите што сте направиле, самите ќе бегате.

  1. Останувате во лоша врска во име на доброто минато

Си велите дека е добро да простите, дека ќе се смени, дека ќе тргне работава, верувате дека треба да се потрудите да ги средите нештата, наместо да заминете, а ако раскинете се смирувате со оправдување „Можеби ова ми е единствена шанса за врска“. Но, врската треба да биде здрава, пријатна, да се чувствувате сакано, а не да ве труе на секој можен начин.

Затоа, сменете си го „мајндсетот“ бидејќи сум кажала повеќе од милион пати дека треба да сте си самите приоритет и дека никој не заслужува токсични врски и пријателства, а уште помалку самите да сте токсични кон себе.

Tags
Back to top button
Close