Од фамилијарни средби омилени ми се оние кај што не одам

Колку страни има вашата личност?

И зошто треба да ги прифатиме?

Да се биде свој на своето и не е секогаш најидеалното решение, особено во ситуации кога тоа не е баш најпаметно.

И ако тврдите дека вие сте едни и исти цело време, пред сите, уште во старт ќе ви кажам дека не сте. Дали вашите родители го знаат секој аспект од вашиот карактер? Партнерот? Пријателите? Браќата и сестрите?
Сосема е во ред вашиот карактер и личноста да се слоевити и пред другите да го покажувате само она што сакате да биде видено. Не сметам дека криете нешто, туку само се адаптирате на ситуацијата, а тоа го прават и другите. Затоа не можете за никого да кажете дека го познавате, не знам, како својот џеб или својата фиока, бидејќи дури ни за сопственото дете не би можеле да го кажете тоа.

Кои сте вие навистина?

Вие сте точно она што знаете и самите дека сте. Но и сите тие маски и слоеви врз вас.
Пред вашата мајка можете да бидете личност која е посветена на штедењето пари и менаџирањето на ресурсите за преживување. Пред сестрата можеби сте личност која сака да троши и да си угодува себе, но и на оние кои ги сака. Пред партнерот сте верзијата на себе која сметате дека треба да бидете.
Пред пријателите се прилагодувате на ситуацијата, на пример, сакате пица, уживате во латино музика, но и во поп-хитови од годинава, добар слушател сте, уште подобар советник… Пред колегите сте професионалец, кој ги завршува своите задачи.
Пред себе сте сето тоа и плус вашите слабости и ранливи точки.
Како што гледате, ништо од ова не е лошо. Сите луѓе функционираат на тој начин и се прилагодуваат на она што го бара ситуацијата од нив.

Релативноста на одговорот на прашањето „Кои сте вие?“

Низ животот, многу нешта не прават тоа што сме. Средината во која растеме, семејството, градот, па дури и државата, религијата, традицијата… Потоа следува образованието, другарствата, партнерските врски, професионалноста.
Ние сме и облеката која ја носиме, козметиката која ја користиме, кафето кое го пиеме и храната која ја јадеме. Парфемот на кој мирисаме и мобилниот телефон кој го користиме.
Секој избор кој го правиме има причина и тоа лежи само во одговорот на прашањето „Кој сум јас?“.
Но, знаете ли што? Нема потреба да се дефинирате себе. Вие самите знаете кои сте и зошто сте такви.
Време е да ги прифатите сите тие слоеви од вашиот карактер и да ги прилагодувате така како што сметате дека ви е удобно во дадениот момент.
Јас сум јас и вие сте вие. И тоа е сосема доволно.

Tags
Back to top button
Close