“Што е мое ќе си дојде” до сеа ми се потврдило само за сметки!

Хуверинг е манипулативна тактика

Ама може да се спречи

Хуверинг (hoovering) е емотивна форма на манипулација што „вшмукува“ некого назад во токсична врска. Обично, ова однесување доаѓа веднаш по разделбата. Едниот партнер се обидува да се извлече од врската, додека другиот прави се што е во негова моќ за да ја врати контролата. Да расчистиме од одма, трудење да се обнови нормална врска и хуверинг не е исто. Хуверинг прават само манипулантите кои сакаат да имаат контрола врз партнерот и се однесува за прекината или обид за прекинување на токсична врска. И тоа е целата поента на хуверингот – враќање на контрола. Во реалноста, тоа е маскирна тактика на манипулација која, доколку е успешна, прави другата личност да се чувствува заробена, збунета и неспособна да ја види јасно ситуацијата во која се наоѓа.

Како изгледа ова чудо кое не смеете да го дозволите

Во моментот кога манипулаторот ќе почувствува дека му излегувате од контрола или сакате да го оставите, тој ќе се послужи со сѐ што може да ве врати. Ова може да вклучи давање подароци или љубовно бомбардирање и обавезно преголеми ветувања за да го одвлече вниманието од реалноста на врската. А може и пострашно, со психолошки форми на уцена кои ќе ве фрлаат во сомнеж и несигурност.

Хуверингот не е покажување на љубов. Тоа е само потреба на манипулаторот за внимание, тој ја пополнува својата празнина обично со партнери кои му го поткреваат егото и кои го вреднуваат.Тоа нема никаква врска со чувствата кон партнерот или со желбата да се смират. Има врска само со манипулаторот и неговите потреби.

Како да го препознаете манипулаторот кој прави хуверинг?

Емпатичната личност би размислила како и до кои граници би контактирала со вас без да ви прави притисок или да ви влегува во простор, манипулаторот нема граница. Тој ќе напне така јако додека не го добие тоа што го сака, а тоа е вниманието или нешто за кое сте му битни, најчесто е услуга или материјална корист. Доколку паднете во мрежата на манипулацијата и почнете да раговарате со него, тоа е неговата победа. Прашање на време е кога повторно ќе ве тргне од себе или ќе почне со познатото топло-ладно однесување или уште пострашно, гаслајтинг. Е сега, бидејќи најверојатно ќе ви годи вниманието после раскинувањето и некако ќе си помислите дека се кае или размислил(а) па сфатил(а) дека греши или многу ве сака па не може без вас, па може и ќе се посомневате во вашата одлука за разделба, па може не беше токсична врската може вие сте си умислиле (гаслајтинг)…стоп! Не дозволувајте да бидете вшмукани во приказна на манипулатор.

Забележете дали извинувањето е извинување

Ако манипулаторот реши да се извинува внимавајте точно со кои зборови го прави тоа. Фразите како што се: „жал ми е што не бев потолерантен/на“ и „жал ми е што не бев доволно трпелив(а) со тебе“ се за префрлување на вината кон вас. Кога некој се извинува искрено, го наведува своето навредливо однесување и превзема целосна одговорност за тоа. Манипулаторот секогаш ќе се обиде да ги избегне чувствата на вина и срам.

Доколку сте прекинале токсична врска и сте ги блокирале сите можности да ве комуницира манипулаторот, браво за вас. Оние кои не биле спремни да блокираат све, на кои тешко им оди да продолжат понатаму може да бидат таргет на хуверинг. Многу е битно да не се вратите назад во токсичната средина, препознајте го хуверингот на време и тргнете се.

Неколку знаци на хуверинг

Испраќање срцепарателни текстови по раскинувањето со тинтири минтири приказни за недостасување и „само ти ме разбираш“ муабети.

Измислување случајни причини да ве види. Нешто заборавил(а) кај вас или нешто да ви врати или некој од семејството одеднаш е болен па нема со кого да разговара, ете само вие го/ја разбирате…

Ви се заканува со самоповредување. Упатување закани за самоповредување на однесување ако не може да ве види или да разговара со вас. Ве убедува дека ќе имате грижа на совест бидејќи ќе си направи нешто поради вас.

Љубовно бомбардирање левел максимум. Претерано расфрлање со комплименти или пофалби, испраќање подароци или други непотребни изненадувања. Испраќањето подароци ќе биде кај вас на работа или некаде каде што знае дека ќе има други луѓе за да го искористи нивното воодушевување за гестот.

Давање задоцнето извинување. Извинувањето нема да е баш извинување и ќе го употреби само ако мора, веќе ако е дојдено да нема друго што да прави па ајде да ја употреби и оваа карта. И тоа нема ни да личи на извинување туку префрлување на вина кон вас или ќе биде завиткано во правила за иднина ама во множина. „Ќе треба повеќе да внимаваме“, „ќе бидеме пофлексибилни“.

Давање празни ветувања. Давање ветувања дека се ангажира во обиди за самоподобрување и дека е „различна“ личност. Да, секако.

Се обидува да дојде до вас преку вашите пријатели или семејството. Најглупо нешто е да решите да ги слушате вашите заеднички пријатели кои манипулаторот успеал да ги убеди дека тој е срна сред зелена ливада плус душа памук.

„Случајно“ контактирање со вас за да започнете разговор. Испраќање „случајни“ повици или пораки со цел да ве натера да одговорите. Честитање празници и родендени со фермани од убави желби на кои ќе одговорите од куртоазија, а манипулаторот тоа го гледа како отворена врата.

 

Tags
Back to top button
Close