Машките што те смеат се далеку посимпатични од сите други заедно, нели?

Акни на 30+ се реален проблем

И се држи под контрола

Акните често ги поврзуваме со тинејџерските години, пубертет, хормони кои вријат 24/7, но на многумина, а особено на жени, им остануваат дури и откако таа фаза ќе заврши, па и кога веќе се во своите 30-ти и нагоре.

Причини може да има илјадници, почнувајќи од хормонски нарушувања, но и неправилна хигиена, несоодветни козметички производи, лоша исхрана, постојана изложеност на нечистотии од различен тип или пак, едноставно, така е генетски предодредено. Некогаш се последица на моментален стрес, а во последниве две години и на маските за лице кои ги носиме поради коронавирусот.
Пред да направите што било, најпрво треба да ги исклучите здравствените причини кои може да бидат тригер за акни кога сте возрасни. Тука спаѓаат проблеми со тироидната жлезда, покачен кортизол, синдром на полицистични јајници, плодни денови и ПМС, цисти на јајник, стрес, анксиозност, па дури и пост-ковид фазата во која телото се регенерира од болеста.

Козметички и дерматолошки консултации

Ако сте 30+ и имате проблеми со акни, а сте ги исклучиле сите претходни причинители кои ги набројав, би било препорачливо и добро да посетите дерматолог или козметичар или и двете. Во принцип, ако вашата кожа лачи масла, таа на себе ги лепи и честичките нечистотија од воздухот, па е потребно да се стави под контрола тоа мастење.
Производи кои содржат количини на салицилна киселина или ретиноиди соодветни за домашна употреба се првиот чекор во решавањето на проблемот. Хидратацијата е исто особено важна, како однатре, така и однадвор, бидејќи личности на 30+ години природно имаат потреба за повеќе вода. Најважно е кожата да не е дехидрирана и да, точно е дека можете да имате изразено мрсна, а во исто време дехидрирана кожа.

Справување со тригерите

Регенерирањето на клетките е исто побавно во оваа фаза во животот, што комбинирано со маските и загадувањето од околината, придонесува порите да се полнат со нечистотии.
Стресот, џабе е да речеме да го контролирате, кога најчесто ни е надвор од контрола. Но, во таков случај, кога сте изложени на стрес, добро би било да внесувате повеќе антиоксидативни витамини, особено А и Е, за да можете да ѝ помогнете на кожата да се регенерира на клеточно ниво.
За храната е лесно, бидејќи она што ќе го забележите дека ви пречи и ви создава акни, можете да го намалите, исфрлите или замените со негова алтернатива. Не можам да тврдам дека кај сите мајонез ќе предизвика акни и дека зелен чај ќе ги стави под контрола, па затоа секој треба да си ја најде својата мерка во исхраната.
Хормоните, решението се знае, посета на ендокринолог и локално делување врз лузните од акни со соодветен козметички производ.


Исто така, можете да проверите дали случајно претерувате со skincare рутината и користите премногу производи, активни состојки и козметика која една со друга не треба да се комбинира. Иако мора да бидете упорни со користење соодветна козметика, некогаш самите можеме да си направиме поголем проблем доколку испробуваме нови производи и претеруваме со тоа што го правиме.
Секое зошто има и затоа, но кај секој од нас тоа затоа е различно. Затоа мора најпрво да детектирате што е причинителот на вашите акни, за да можете да ги третирате соодветно на проблемот.