Ако не си сигурна дали е љубов провери да не е панаѓур

Грижата за себе си бара и работа на себе

Ама се исплати да вложуваш во себе

Грижата за себе е клучна, себесакањето е нешто што мора да го научите за да ги преживеете и најтешките ситуации во животот и иако се одлични вештини да ги поседувате, тие нема да направат магично да ви биде подобро кога некои нешта ќе тргнат наопаку.

Ситуацијата со коронавирусот нè научи дека не секогаш сè е во наша моќ и дека во даден момент треба да ја прифатиме реалноста таква каква што е и да се адаптираме на неа. На пример, веќе сфативме дека вежбањето, хранењето здраво, готвењето, спиењето доволно, одржувањето на домот и слични активности исто се грижа за себе, но многупати ништо од ова не помага за да се чувствувате подобро.

Во овој случај е потребно да се дефинира коренот на проблемот. Зошто ви е лошо? Што ја предизвикува таа фрустрација кај вас? Да се преживее некое премрежје во животот е предизвик и тоа не се лечи само со чистење по дома, дотерување, шминкање и вежбање редовно. Како што реков, ништо од ова нема да направи магија, додека не се соочите со своето страдање, емоционалната состојба или болката.

Многупати погрешно нè увериле дека тоа е вистинскиот начин и дека ако најдеме нешто со кое што ќе си го исполниме времето, тогаш нема да се „излечиме“. И сме пробале, ама не секогаш функционирало како што пишува во книги или на портали. Но, од друга страна, овие начини на справување делуваат како фластери, односно не дозволуваат раната да се продлабочи.

Покрај себесакањето, треба и работа на себе

Не е доволно само да се сакаме, да имаме висока самопочит и да вложуваме во себе во материјална смисла. Покрај сè останато, треба да работиме на развојот на својот карактер, на начинот на кој се справуваме со болката, како ги решаваме проблемите, но и да лоцираме што правиме погрешно. На пример, во тој процес на грижа за себе, многу често ги потиснуваме емоциите во страна, бидејќи реално ни пречат да функционираме како што треба. Но, многу добро знаеме дека еден ден некако ќе испливаат на површина и ќе направат поголем проблем.

Затоа, подобро е да се соочиме со нив, колку и да ни е непријатно пред самите себе. Емоциите кои ни се насобрани може да нè исфрлат од баланс токму во моментот кога најмалку ни треба тоа. Затоа, претерување со себегрижа и нејзино спроведување по секоја цена и не е секогаш најдобрата и најефикасната идеја. За да стигнеме до саканото закрепнување и исцелување, работиме на себе од секој можен аспект.

Идентификувајте ги своите ставови, верувања и вредности. Ако треба, застанете пред огледало додека го правите тоа. Ослободете се од секоја предрасуда, од секое однесување кое е штетно за вас. Дури потоа можете ефикасно да ги употребите стандардните методи на грижа за себе, да работите на физички изглед, да смените боја на коса, да купите нова облека, да мирисате убаво и така натаму.