Ќе умреме и нема да дознаеме селското месо од кое село е

Екстравагантноста наречена Муглер

Во негова чест!

Почина Тиери Муглер, но ако нешто никогаш нема да умре, тоа е екстравагантноста и спектакуларноста на креациите на неговиот бренд, кој долго време го носеше истото име, но во последните неколку години е само Mugler.

Бил моден фотограф, но отсекогаш знаел дека знае и може многу повеќе од тоа. Стилот? Исконски, доминантен, посветен на сексуалноста, фетишите, на тоа да бидете забележани, да се вртат сите глави накај вас. И како да беше малку тој микс на бои, кроеви, форми и материјали, Муглер направи револуција и во мирисниот свет.
Некаде на почеток на 90ти, излезе love-or-hate парфемот Angel, во ѕвездесто шише, со нападен гурмански мирис, кој е популарен и денеска, децении подоцна. До 2004 Муглер беше посветен на колекции на модерна облека која беше достапна за оние со екстравагантен, но во исто време префинет вкус.
До последно се заложуваше да ги промовира и нападните костуми, кои изгледаат како да се излезени од научно-фантастичен филм.
За тоа колку е влијателен и важен во светот на модата, зборува и фактот што самиот Дејвид Боуви носеше костум за венчавката со негов потпис, а меѓу популарните музи му беа Лејди Гага, Мадона и Карди Би, но и Џорџ Мајкл, Синди Крафорд, Наоми Кемпбел и драг-кралицата РуПол.
Неговите дизајни не се нешто што можете да си го носите на кафе или на работа, а дури и да не е по ваш вкус, не може да не предизвика одредена доза на стравопочит, само од гледање во храбрите модели и дизајни.