На сите што на прашањето “Зошто не ми кажа?” одговараат со “не ме праша” да им се доделат по три овци и кај Итар Пејо!!!

Емоционална интелигенција за почетници

И како таа нè прави тоа што сме

Коефициентот на интелигенција веќе ни е познат како концепт, но емоционалната интелигенција сè уште се проучува и е доста понова како поим. Под овој поим спаѓаат способностите и интересите на една личност да воспоставува врски со други луѓе низ животото.

Интелигенцијата укажува на нашето интелектуално функционирање и може да се измери според тестови и скали. Но, емоционалната интелигенција е нешто сосема друго. Таа се состои од капацитетот на поединецот да ги препознае и своите и чувствата на другите околу него, да направи разлика меѓу различните емоции, да ги распореди правилно и да процени кои од нив треба да влијаат во носењето одлуки и постигнувањето на целите, а кои не.

За подобро да разбереме што е тоа, но и зошто е важно за нас како индивидуалци, треба да знаеме и дека луѓето се раѓаат со некој пакет на емоции и емоционален капацитет, кои подоцна се развиваат соодветно или пак, остануваат неразвиени, зависно од самиот карактер. Емоциите се тие кои во нашиот живот носат стабилност и хармонија, но и вистински хаос. Вистинска вештина е да научиме да ги контролираме, без притоа да ги потиснуваме или да се срамиме од нив.

Според повеќемина кои се занимавале со ова прашање, емоционалната интелигенција се состои од овие компоненти:

  1. Свесност за себе

Односно можноста сами да ги препознаеме и разбереме своите расположенија и емоции, но и како тие влијаат или би влијаеле врз оние околу нас. Знак дека имате висока свесност за себе се реалната самодоверба и знаењето на своите можности и капацитети.

  1. Самоконтрола/саморегулација

Ова се однесува на вашата способност да ги исконтролирате импулсивните реакции, односно на можноста да размислувате пред да делувате. Со ова, вие верувате во својата доверливост, интегритет, но и во можноста да го промените она што не функционира, без да се вадите на она „Таков/таква сум, нема што да се менувам“.

  1. Мотивација

Мотивацијата е поривот кој ве тера да бидете успешни, страста нешто да работите, без да мислите на материјалната добивка која ви следува. Мотивираните луѓе сакаат да постигнуваат, оптимисти се, организирани и доследни и не се плашат да се соочат со падови, бидејќи знаат дека еден ден ќе застанат на нозе.

  1. Емпатија

Емпатијата е вештината да ги препознаеме и разбереме емоциите на другите луѓе, а со тоа и да бидеме сочувствителни, но и да реагираме соодветно на емоциите кои тие ги покажуваат, без да ги судиме за тоа.

  1. Социјални вештини

И тие се огромен дел од емоционалната интелигенција. Начинот на кој комуницирате или оставате простор другите да комуницираат, пристапноста, зборовите кои ги користите и избирањето соодветна реакција во дадениот момент, сите овие вештини се учат или адаптираат соодветно на моменталната ситуација.

Разбирањето на својата емоционална интелигенција никогаш не може да биде потполно, бидејќи секој поминат ден нè менува на различни начини, без оглед на настаните кои се случиле или промените кои дошле во нашите животи. Немилите настани исто така нè менуваат, па може да се каже дека емоционалната интелигенција се менува и обликува во текот на целиот живот. Таа е важна бидејќи ја доловуваа вашата суштина како личност. Затоа, уживајте во сопствените емоции, но насочете ги во продуктивност и во подобрување на односите со другите.