Едношалтерски систем се вика дека работи само еден шалтер

Есенско измодерување, плакар едиција

Работи што веќе ги имате дома

Да се биде измодерен не значи дека треба да го купувате сето она што е во тренд во моментот, бидејќи многу од работите што веќе ги имаме во плакар се безвременски и ни се наоѓаат секоја година во многу комбинации.

Во пресрет на есента, ќе ја искористам приликава да ве потсетам што сигурно имате по дома и нема потреба да го купувате во друга боја или крој, туку можеби само да додадете некој моден детаљ, да си го смените патецот, да ги прилагодите маските (да, уште ќе ги носиме и наесен) и да бидете супер-кул облечени.

Исто така, можете и да се инспирирате од веќе поминатите трендови, бидејќи си знаеме дека на неколку години се повторуваат и нема потреба да трошиме премногу пари, особено ако веќе претходно сме инвестирале во квалитетни есенски чизми, џинс-јакна, мантил, фустан, марами и шалови.

На пример мантилот, кој има крој на капут.

Може да биде црн, крем боја, тегет, црвен, но класичниот крој ви дозволува да го вметнете во повеќе есенски комбинации, со фармерки, со потенки џемпери, фустани, здолниште со кошула, како и да помислите, ќе стои.

Сакото, секако ќе ви послужи во оние денови кога е топло за мантилот, ама ладно за само на блуза или кошула. Сигурно веќе имате барем едно во плакарот, но никогаш не е лошо да си ја надополните колекцијата со нов крој или материјал.

Кошулата, а особено белата, е модерно парче облека кое треба да го имате барем во класично издание, бидејќи одлично оди под сакото кое го спомнав погоре.

Еден пар тесни фармерки во темна боја, затоа што визуелно ни ги прави нозете потенки и секако, се комбинира со сите парчиња облека кои веќе ги спомнав тука. Изберете тесни фармерки бидејќи наесен често врне и ќе треба да носите повисоки чизми, па да не ви биде тешко да ги „напикате“ внатре.

Џемперот во неутрална боја исто така, се комбинира лесно со фармерки и мантил, а и навистина ќе ве стопли во оние денови кога ќе дува повеќе ветер. Можете да изберете ролка-стил, поотворен, апсолутно секаков каков што мислите дека ви стои и треба да биде дел од вашиот плакар.

Миди-здолништето е добро од повеќе аспекти. Прво, не е мини и нема да мрзнете, а второ, не е долго до долу за да се извалка ако надвор врне или има кал каде што минете. И секако, одлично ќе стои со кошулата и чизмите, зарем не.

Ете, навистина не е тешко, особено ако веќе имате некои од овие парчиња облека дома.