Мажите сакале дама у друштво, а лудача у кревет…ете кај ги имам јас измешано работите

Зима без меланхолија

Колку што може

Летово еве, заврши, почна да се стемнува порано, навечер веќе треба да си наметнеш нешто за да не ти е ладно и тоа значи дека нема да чекаме уште долго додека да дојде зимата. Оваа зима ќе биде поразлична од секоја претходна во многу погледи.

Вирусов, гледаме, уште си е тука, маски ќе си носиме, ќе се дистанцираме, а во текот на летово ни беше малку полесно, бидејќи имавме подолг период денска светлина – нешто што повеќепати е докажано дека позитивно влијае врз расположението. Но, што кога ќе почне да се стемнува во 5 попладне, кога нема да можете да излезете на тераса и да ја отседите цела вечер таму, а летните тераси ќе затворат и одржувањето растојание веќе нема да биде лесно како сега, очекувано е да дојде до некоја тага, меланхолија, па дури и продолжена состојба на анксиозност поради настанатата ситуација.

Некои луѓе страдаат и од сезонска депресија и навистина ми е жал што оваа зима ќе биде бетер за нив. Но, тоа не значи дека треба да се остават сами себе да патат, ниту пак дека не треба да побараат помош од своите најблиски. Можете да пробате со воспоставување некои рутини и навики кои ќе ви олеснат малку, на пример:

Поместете ги активностите порано

Ако уживате во дневната светлина, тогаш направете малку поинаков распоред на активностите, но имајте на ум дека тоа ќе значи и дека треба порано да станете. Ако е невозможно преку недела, тогаш викендите организирајте ги така што ќе завршите поголем дел од плановите пред да се стемни. На овој начин ќе почувствувате попозитивно влијание од она што го правите, но ќе морате да смислите и како ќе го пополните времето по стемнувањето.

Најдете интересно хоби за попладне и навечер

Меланхолијата најчесто се појавува навечер, ко што се наближува времето од спиење, а веќе сте поминале доста во текот на денот. Поради тоа, вклучете некое хоби кога ќе се стемни, гответе за наредниот ден, печете колачи, симнете серија и „избинџајте“ ја, прочитајте ги книгите кои се на вашата листа, излезете на места каде нема големи групирања. По некое време, кога ќе си се адаптирате на навиката, можеби полесно ќе ја надминувате есенско-зимската меланхолија.

Исплачете се

Еднаш веќе зборувавме дека плачењето е здраво и уште стојам на тоа. Постои некоја неверојатна исцелувачка моќ во само неколку истркалани солзи и веднаш се чувствуваме подобро, без оглед која и да била причината зошто ни е тешко и лошо.

Одберете ден за хибернација

Дали тоа ќе биде недела или некој друг ден, можете да си воспоставите таканаречена хибернација – ден во кој нема да договарате кафиња, нема да читате мејлови, ретко ќе ги проверувате социјалните мрежи, па дури и не морате да кренете слушалка кога ви ѕвони телефонот. Тој ден е наменет само за она што вие сакате да го правите.

Погрижете се за квалитетниот сон

Многу нешта можат да се спасат и да бидат подобри ако квалитетно спиете во текот на ноќта. Спијте доволно, но особено избегнувајте да спиете предолго. Не си го трошете и онака краткиот ден. Навикнете го телото да биде будно кога надвор е светло и искористете го максимумот од сончевите зраци кои едвај пробиваат низ облаците.

Споделувајте љубов и прегратки

Оваа сезона тоа ќе биде малку комплицирано, но ако имате партнер, живеете со семејството, па дури и вашето милениче може да ви помогне, да споделувате љубов и прегратки. Најдете удобност во ладните денови и смирете ја својата депресивност токму со овие активности. Ако немате ништо од ова, мек џемпер, топло ќебе и удобна перница исто така бркаат работа.