Некои работи ги праам у пет до дванаес некои у пет до никад, зависи за кого се!

Измодерена зима

Ако има каде да носиме

Зимската сезона започнува, а кај и да е ќе почнат и модните недели и презентации на колекциите на популарните брендови за претстојниот период.

Од она што засега го гледам по социјални мрежи и на ТВ, повторно има враќање на трендови од минатото, како што се чизмите со огромен ѓон. Иако е 2021-та, влијанието на 90-тите е видливо во комбинациите оваа година, дури и во пролетните и летните трендови кои изминаа.

На пример, кожата, или еко-кожата за вегетаријанци и вегани, како и за оние кои не носат облека од природно крзно и кожа. Ја има во комбинации на обувки, здолништа, модни додатоци, а како „ултимејт“ парче се носи мантилот од еко-кожа.

Се враќаат во мода и плетените џемпери и фармерките со прав крој на ногавиците. Особено во тренд се унисекс-парчињата, а на модните писти може да видиме жени како носат костуми кои наликуваат на машки, но сепак делуваат навистина елегантно.

Истовремено, измодерени се и ултра-женските парчиња, како цветни фустани, кошули со широки ракави и впечатливи дезени, а еден од оние трендови кои секогаш се провлекуваат во зимските сезони се кожените ракавици (имитација на кожа) кои овојпат се носат високи, дури и над лактот.

За оние кои не се љубители на мантили и капути, оваа сезона ви носи можност да носите пончо или пелерина од секаков текстил, боја, крој, кратко, долго – какво сакате – такво. А под него? Плетен фустан! Уште еден скорз измодерен момент од оваа сезона.