Не кажувај на никого – македонска единица мерка за брзо ширење вести

Исконска мода од 90тите

Денес скоро незамислива

Секоја модна ера си има карактеристики поради кои или криеме очи со рака или посакуваме барем за момент да се вратат. Средината на 90тите беше баш таква, а и почетокот на 2000те.

Во тоа време ретко кога имаше на пример, женски кошули какви што знаеме денес, струкирани и елегантни. Многупати жените носеа скоро па машки кошули со широки фармерки. Мини фустаните во секакви бои, особено пастелните, се уште еден тренд кој би можел да се адаптира и денес и успешно да се носи.

Едно време беше модерно и да се носат беџови, ранци, чанти и други додатоци со зборови како што е „fuck“ или пак со принт со среден прст, черепи, вкрстени коски и еве и сега се прашувам зошто се случуваше тоа? Можеби се искажуваше бунтовност на тој начин што преку облеката ќе опцуеме или ќе бидеме безобразни, не знам.

Мадона, како кралица на сè што ни паѓа на памет од тој период, секако дека беше и дефиниција за мода. Поради нејзиниот шпицест корсет, почнаа и другите дизајнери да продаваат корсети, а жените да ги носат под сакоа, а имаше и време кога се носеа над блуза или кошула. Подобро да не се сеќаваме на тоа.

Она што беше измодерено и тогаш, а останува и денес, се фармерките и кожната јакна, во комбинација со маички и патики. Се менуваат само боите и моделите, но трендот и понатаму живее.

Исто така, црни и елегантни фустани сè уште се носат, но еден исконски момент кој никогаш нема да го заборавиме е „одмаздничкиот фустан“ на лејди Ди, истиот ден кога вистината за нејзиниот брак со принцот Чарлс (и неговите швалерки) излезе на виделина. Ништо не можеше да ја запре таа вечер да сјае најдобро дотогаш. Во исто време знаеме и дека дури и кога ќе се појавеше како за по дома облечена, го привлекуваше истото внимание.

Принцеза-розе нијанса ретко кој носи денеска, ама во тоа време (фала Сара Џесика Паркер беше прилично популарна, токму поради Кери Бредшо од „Сексот и градот“. Другите ликови од таа серија како да не постоеја. Од друга страна, многу брендови, меѓу кои секако Маноло Бланик, својата популарност ја добија токму поради оваа серија.

За крај, секако, не смееме да ги заборавиме Spice Girls. Викторија која уште во тоа време беше најизмодерена, елегантна, потоа Ема која ги следеше трендовите, Мел Си која до крај негуваше спортски стил, а Гери и Мел Би беа најекстравагантни во нивните избори.