Луѓето ги делам на оние шо ги сакам, за кои ми е сеедно и кои не ги сакам. За првите правам се, за вторите ништо, а на третите Господ на помош.

Насилство не е само рани и модринки

Да ги препознаеме сите форми

Живееме во 21 век, кога теоретски, би требало да сме ослободени од стереотипи и предрасуди и да имаме развиено емпатија и сочувство кон жртвите на насилство, но и да им помогнеме да ја надминат траумата која им се случувала. Проблемот се појавува кога како насилство го перцепираме само она што остава видливи траги – модринки и рани, но никако да ги научиме другите дека вербалното и емоционалното насилство оставаат подеднакво болни последици, па дури и можеби повеќе од тоа.

Најпрво, да ги разјасниме овие поими.

Психолошкото, односно емоционалното насилство се манифестира преку одредени однесувања, како што се контрола, изолација, љубомора, предизвикување емоционално страдање, заплашување, закани, омаловажување и понижување, и слични „шеми“ на контролирачко однесување.

Вербалното насилство е најчеста форма на психолошко/емоционално насилство, кое се манифестира преку користење зборови со заканувачка, понижувачка, навредлива, обвинувачка и критикувачка содржина. Постојат и помалку агресивни форми на ова насилство кои во прв момент жртвата и нема да ги регистрира и забележи, но со текот на времето тие оставаат трајна последица, а таа е изманипулирана, понижена или лажно обвинета (се сеќавате на гаслајтингот сигурно).

Но, зошто сето ова? Која е целта?

Насилникот сака да воспостави контрола врз жртвата, а мотивите можат да бидат најразлични. Негова цел е да ја понижи и обезвредни, за таа самата веќе да не е свесна што ѝ се случува, па дури и да го прифати таквото однесување како нормално. Ова се случува кога жртвата е подолго време изложена на насилство, особено од страна на личност која ја сакала или уште ја сака, било да е тоа партнер, пријател, па дури и член на семејство.

Друг пример за вербално насилство се и секојдневните караници, да речеме меѓу соседи или познаници, на одредени теми. Кога една личност е подолго време изложена на вербално насилство, кај неа се појавува своевидно покорување, поради стравот и ризикот тоа насилство да премине во физичко.

Досегашните искуства на здруженијата и организациите кои се занимаваат со овој проблем е дека институциите многу ретко ја препознаваат оваа форма на насилство, па самата жртва се откажува од намерата да пријави и да се надева дека вербалните напади ќе престанат.

Што понатаму?

Жртвата често се откажува од идејата да пријави и започне постапка против насилникот бидејќи често нема сведоци, а ако има, тие пак се генерално со ставот „не се мешам, не е моја работа“. А, знаете што? Наша работа е. Бидејќи од некаде мора да почне. Ниту една личност не е должна да ги трпи туѓите фрустрации, ниту пак да биде исплашена поради нечија помоќна позиција или поголема физичка сила.

Загрижувачки е тоа што насилството најчесто е извршено од партнер, било да е брачен или интимен, но уште поалармантно е кога насилникот собира храброст да напаѓа помлади девојки и жени, сосетки, колешки, па дури и случајни минувачки, само затоа што „му се може“. Му се може? Време е да најдеме начин да ги решаваме овие проблеми институционално, пред да предизвикаат последици кои ќе биде уште потешко да се надминат подоцна.