– Многу ми се свиѓа, не знам шо муабет да и почнам… – Па прашај ја нешто шо не очекува… – ок Ане, ти си орала нива?

Од стрес паѓа коса

Во буквална смисла

Памтите кога нè караа ко мали и кога ни викаа „коса ќе ми падне од тебе“? Е па имало зошто така ни кажуваат, иако реално, доста претерувале со таквите изјави.

Стресот и нервозите се штетни, а кога се хронични се одразуваат и на нашето физичко здравје, па дури и влијае на физичкиот изглед. Луѓето кои се среќни, исполнети, кои не се изложени на стресови, тие едноставно блескаат. А блескаат бидејќи косата им изгледа здраво, тенот, кожата… Кога некого добро познавате, лесно може да забележите дека нешто се случува по тоа што изгледаат поинаку од вообичаено.

Најголемиот виновник е повторно кортизолот, кој се лачи зголемено при константна изложеност на стрес и нервози, но и во периодот кога закрепнуваме од нив. Косата е само еден дел од нашето тело кој може да страда. На пример, може да биде помрсна или посува од вообичаено, да стане покршлива, па дури и да паѓа или да се појави по некое бело влакно.

Колку време трае ова?

Во прв момент, додека го преживувате стресот, може и да немате некои видливи симптоми. Кај многу луѓе се појавуваат дури во периодот кога сметаат дека го надминале стресот. Траењето на ситуацијата може да варира од човек до човек и од начинот на кој се справува со потешкотијата. На пример, ако земате лекови или ако се тешите со калорична храна, дополнително ја влошувате ситуацијата.

Како да се грижите за себе?

Реално, козметиката нема да помогне многу додека не се среди хормоналниот баланс и општо, вашата психолошка и емоционална состојба. Но, тоа не значи дека не треба да се грижите за косата и скаплот со поквалитетен шампон, масажи со масла, па дури и третмани за зајакнување и повторно растење на косата. Во овој период би било добро да избегнувате постојано исправување или фенирање, за да не предизвикате дополнително уништување.

Друго што можете да направите? Сум ви кажала веќе, сигурно ќе ви текне – сакајте се себе, дури и повеќе од што ги сакате сите останати. Токму оваа грижа за себе и љубовта која си ја давате ќе направи да бидете посреќни, да се стабилизира тој кортизол кој ви прави проблеми, а со тоа и самите да бидете посреќни и позадоволни со себе.