Читам некој текст “луѓето секој ден се глупираат”…луѓе, јас можам и ноќе тоа

Препознај го насилството на интернет

Во времето пред КОВИД-19, голем број од случаите на насилство врз жени беа поврзани со онлајн-вознемирување или други форми на сајбер-насилство, кое многу често и не се перцепира како насилен акт и се игнорира. Тоа се случува поради недоволната информираност и неможноста да се препознаат знаци и форми на насилство кога тие не оставаат видливи траги.

Многу често се среќаваме и со одмаздничка порнографија, особено после раскинување, заканувачки пораки, следење и прогонување. Во одмаздничка порнографија спаѓаат снимени видео-материјали и фотографии, разменети пораки со експлицитна содржина, вклучително и разголени фотографии, за кои без оглед на меѓусебната доверба, можат да бидат злоупотребени и дистрибуирани понатаму, како што беа случаите со групните пораки во кои се споделуваа ваквите содржини. Она за што малку од жртвите се свесни е дека сето тоа е казниво со Закон, дури и самата закана дека тие материјали ќе бидат објавени.

Често девојки добиваат заканувачки пораки од своите поранешни партнери или сопрузи, постојано се набљудувани преку социјалните мрежи, а често се пресликува тоа и во реалниот живот. Во набљудувањето спаѓаат и прашањата во врска со добиените „лајкови“ на социјалните мрежи, зошто сè уште девојката е пријател на Фејсбук со некоја личност или зошто разменува пораки со пријателите, особено со оние од спротивниот пол.

Моменталната криза од една страна ги спречи насилниците да стигнат до своите потенцијални жртви, но од друга страна ги отвори можностите за зголемено сајбер-насилство. Сајбер-насилството е еден од најчестите видови на виктимизација на сегашен или поранешен партнер. Честопати е поврзано и со ментални, психосоцијални и бихејвиорални пролеми кај насилникот.

Онлајн-насилството е многу застапено особено поради тоа што насилниот партнер може на повеќе начини да дојде до жртвата, преку креирање на лажни профили, вознемирување со СМС-пораки и анонимни повици, злоупотреба на информации кои се веќе познати на насилникот, поврзан со жртвата, како и одмаздничката порнографија на која често сме сведоци