Кога една жена вика Не тогаш е Не. Кога вика Можеби тогаш е Не. Кога вика Да тогаш е Можеби. И јас стварно не знам што е нејасно тука??

Сите имаме свој стил. Случајно е ист.

Некогаш беше доволно да имаш свој стил. Денес треба да имаш и естетика. Clean girl, old money, quiet luxury, mob wife, office siren, Y2K, Scandinavian, Parisian… И сето тоа би било симпатично доколку зад целата приказна не се крие еден мал парадокс: никогаш не сме зборувале толку многу за личен стил, а никогаш не сме изгледале толку слично. Сите сме нешто уникатни ама парчињава униформа.

Отвори Instagram, TikTok или Pinterest и ќе видиш илјадници жени убедени дека го пронашле својот визуелен идентитет. Само што, некако, сите имаат исти балетанки, исти широки фармерки, исти големи очила, истата беж јакна, истата мала чанта и истата фотографија пред огледало. Сите се различни, само што користат ист moodboard. И тука доаѓа интересниот дел: трендовите денес не ни кажуваат само што да купиме, туку полека нè учат и што треба да ни се допаѓа. Никој не ти вели „ова мора да ти биде убаво“. Само ќе го видиш првпат, па вторпат, па триесет и седми пат, најчесто на некоја жена која изгледа совршено, во совршен стан, со совршено кафе, и одеднаш си мислиш: „Ова е баш мој стил.“ Пааааа, можеби не е. Можеби е само твојот алгоритам.

Некогаш трендот доаѓаше од модна писта, списание, музичка сцена или некоја позната жена. Денес може да почне од девојка со 18.000 следбеници која снимила видео „5 things I would never wear again“. До петок сите ги носат, до следниот месец се продаваат насекаде, а до крајот на годината веќе ни е непријатно што некогаш сме ги носеле. За некоја година, истите тие парчиња ќе се вратат како „vintage“ и ние повторно ќе ги купиме, овојпат поскапо. Модата има неверојатен талент да ја претвори нашата лоша меморија во бизнис модел.

Но проблемот не е што трендовите постојат. Проблемот е што сè почесто го мешаме следењето трендови со личен стил. Личниот стил не е да знаеш што е модерно, туку да знаеш што од модерното не ти треба. Тоа е многу потешко, затоа што е лесно да купиш нешто што сите го носат, а многу потешко да кажеш „не ми стои, не ми се допаѓа, не сум јас тоа“, особено кога интернетот секојдневно ти покажува илјадници луѓе кои изгледаат како да се родени токму за таа комбинација.

И тука сме повторно кај нашата мала човечка потреба да припаѓаме, дури и кога мислиме дека се издвојуваме. Сакаме да бидеме различни, но не премногу различни. Сакаме да имаме свој стил, но сакаме и другите да го препознаат како „добар“. Сакаме индивидуалност, но онаа индивидуалност која веќе е одобрена од сите. Стави нешто необично и можеш да бидеш чудна. Стави нешто трендовско и си stylish. Многу практично, и многу човечки.

Затоа жена со стил не мора да биде онаа која секогаш носи нешто ново. Напротив. Може да носи нешто старо десет години и да изгледа посовремено од некоја која утрово излегла од продавница со целата нова колекција. Затоа што стилот не се купува. Се гради со години, со грешки, со комбинации за кои некогаш сме биле убедени дека сме моден гениј, и со парчиња кои ги носиме повторно и повторно затоа што во нив се чувствуваме како себе.

Можеби затоа најважното стилско прашање денес не е „Што е модерно?“, туку „Дали би го носела ова ако никој друг не го носи?“ И ако одговорот е да — ете ти стил. Ако одговорот е не — можеби не си пронашла естетика. Можеби само си пронашла тренд.

На крајот, најголемата модна илузија на нашето време е прилично едноставна: сите сакаме да изгледаме индивидуално, а алгоритмот многу внимателно ни покажува како. И ние, нормално, индивидуално го послушуваме и тоа личи на униформа.