Долго време ми треба додека донесам некоја одлука, ама ко ќе донесам увек е погрешна!

Љубов или занес, прашање е сега!

Или можеби идеализација?

Кога се запознаваме со некого, на самиот почеток, преовладуваат интересот и љубопитноста околу таа личност. Точно во тој момент многу често мислиме дека се вљубуваме, но реалноста е дека ни се случува одреден занес и еуфорија, поради кои фантазираме каква би ни била иднината со таа личност, би можеле ли да бидеме во врска, па дури и да имаме семејство.

Во оваа иницијална фаза од дејтањето (нема да го наречам ниту почеток на врска), е многу тешко да се одреди на кој начин сме заинтересирани и затоа секогаш е добро да си дадеме доволно време за самите да си ги средиме мислите и емоциите, пред воопшто да почнеме да го очекуваме тоа од другиот.

Разлики меѓу љубовта и занесот има повеќе. Занесот е присутен во почетните фази на дејтањето и зачетокот на врската. На љубовта ѝ треба време да се изгради и порасне и таа бара вложување од двете страни. Занесот е ирационален, предизвикан во најголем дел од физичките карактеристики и привлечноста, а желбата подобро да го запознаеме другиот речиси и да не е присутна. Тој лесно може да премине во илузија, која натаму може да биде и штетна.

Во почетокот, занесот може да ни изгледа ко љубов. Поради тоа е важно да се направи прогрес во тој однос, за да може да се разбистрат нештата. Во тоа спаѓа и запознавање со интересите на другиот, но треба навистина да го сакате тоа. Доколку не сакате да дознаете што има под површината, веројатно не е љубов.

Занесот е краткотраен, а љубовта е трајна. Поради тоа некои „врски“ пукаат после третиот месец. Некои парови се доволно мудри да не се експонираат во оваа рана фаза по социјални мрежи и да се запознаваат со пријатели и фамилии, бидејќи им е јасно дека почетната занесеност не секогаш значи и љубов. Во љубовта се инвестира и затоа таа е долготрајна, дури и откако ќе исчезне почетната заљубеност.

Љубовта бара посветеност на најразлични нивоа, додека занесот се задоволува само со физичко присуство. Љубовта предизвикува промени кај двајцата, додека занесот ниту ги иницира, ниту ги очекува. Од љубовта може да се очекува длабочина и развој, додека пак занесот можеме да го споредиме со бара. Љубовта носи разбирање и верба, а занесот посесивност и љубомора.

Клучно е да успеете да идентификувате со што се соочувате, односно тоа да го препознаете кај себе. На тој начин ќе си заштедите време и енергија и нема да се вложувате себе во нешто што очигледно не е она што го сакате. Не секој може да биде во долга врска, тоа е сосема во ред ако не сте тој тип на личност, но ако другиот е, би било коректно ако го објасните она што го чувствувате. Секогаш е добро со партнерот да разговарате за развојот на вашиот однос, но и ако сакате врска, да почнете да се прифаќате такви какви што сте, без да се обидувате со сила да се промените ниту вие самите, ниту него/неа.