Убавите души свињите ги јадат

Аааа не се надевај многу

Посветено на децата борци

17 ноември – Меѓународен ден за подигнување на свеста за предвремено родените бебиња. Со што сѐ се соочуваат родителите на овие бебиња и дали Македонија може подобро?

Борци. Ова е епитетот кој го заслужуваат предвреме родените бебиња. Дојдени на свет порано, тешки и по само неколку стотина грама, тие првиот здив го земаат во инкубатор. Неподготвени биолошки и физиолошки за нормално функционирање во надворешниот свет, ситни и слаби, со плач кој едвај им се слуша, тие го почнуваат животниот пат на потешкиот начин борејќи се храбро со сите компликации кои се возможни во процесот на зреење во инкубатор.

Херои. Епитет за родителите кои ја поминуваат оваа борба надвор од болницата во секојдневна неизвесност и со оскудни инфомации за своето најмило. Челични нерви и трпение се потребни особено во Македонија за да се издржи периодот додека конечно си го земат бебето дома. Хоророт кој го преживуваат го знаат само тие и блиските околу нив.

Да почнам со ред

Како да не е доволен стресот од самото породување кое започнало месец два порано и борбата која што ги чека, наместо да бидат подготвени за тоа мајките за почеток се соочуваат со недостаток на емпатија од болничкиот персонал (секоја чест на исклучоците).

Зошто плачеш, знаеш дека те осеќа?“ – Фино да ѝ се набие грижа на совест на мајката зошто е исплашена и дека сега со плачењето уште повеќе си го стресира бебето…права немајка, место да стисне заби седнала плаче.

Која недела беше ти? 28? Аааа не се надевај многу, спреми се на најлошто“ – Како да можеш навистина да се спремиш дека детето ќе ти почине и да кажеш ок тоа е сеа ајде идеме даље, дајте ново дете ова не го бива.

Тууу како не издржа уште малку“ – Пошто така ти текнало да го родиш порано, а не дека дошло до компликација во бременост.

Чекај да го видиме глушецот каде е“ – додека те ставаат на ЦТГ за да се видат тоновите на бебето и еден куп слични примери секако нема да ја окуражат мајката и да ѝ пружат утеха во моментите кога има илјада и едно прашање во глава, кога си го преиспитува буквално секој момент од бременоста да не случајно таа придонела до предвремено породување и додека си ја јаде душата зошто не издржав бар уште една недела…уште 10 дена.

Потоа следи безнадежниот поглед на докторите кои проаѓаат на визита или кога си предаваат смена, а кој говори погласно од зборови дека за да ти преживее бебето родено во Македонија во 26, 27, 28, 29 недела е рамно на чудо. Најверојатно затоа што знаат со какви капацитети на опрема и персонал располага државата и колкав е степенот на смртност на овие бебиња кај нас. Ако во западните земји скоро сите овие бебиња преживуваат, Македонија мака мачи со намалување на процентите на смртност.

Е сега ако мислите дека агонијата завршила со раѓањето на бебето и неговото згрижување на Интензивна нега, сте се излажале. Тука, баш тука сагата на родителите почнува да се развива пред да ја достигне својата кулминација со одењето дома без бебе.

Додека во светот се инсистира мајката да е со бебето до инкубатор, таа да се грижи за него, да се практицира кенгуринг за бебенцето да се „насади“ со нејзини бактерии, во Македонија овие мајки не ни можат да ги видат своите деца. Имаат само 5 минути да ги ѕирнат додека лежат во болница АМА само од страна без никако да го допрат инкубаторот каде се наоѓа нивното чедо. Па затоа наместо со бактерии од мајката, кај нас се насадуваат со болнички бактерии па се малтене скоро сите септични и колку помали покревки толку помала шанса имаат да се изборат со сепса.

Да не зборуваме за измолзување и давање на мајчино млеко иако имаме лактариум кој си стои затворен наводно заради „ковид мерки“. Е сега ај добро не можеш таму да се измолзеш ама не можеш ни во соба, не било стерилно, а не можеш ни од дома тазе истуширана да се измолзеш и да го донесеш млекото во стерилно шишенце. И не, нема објаснување зошто не може, ете такво е правилото, не може, а од друга страна има еден куп научни студии за полезноста на мајчиното млеко особено за вакви ранливи бебенца на кои дигестивниот систем не им е развиен и адаптираното млеко им е претешко па неретко развиваат и некротизирачки ентероколитис што е животно загрзозувачка состојба кај овие бебиња. Нормално, банка за донација на мајчино млеко исто така нема….нема услови.

Одиме понатаму, после два или три дена од пораѓај мајката си оди дома, нормално не може да држи кревет на ГАК. Во тие три дена ај што го гледа детето по еднаш на 5 мин, психолошка поддршка од психолог/психијатар нема. Тоа што се распаѓа кога излегува со празни раце од болница не е важно, кога ѝ се кине душата што го остава детето кое го носела под срце самото да се избори за живот без нејзината љубов исто така не е важно. Не се секирај ќе ти речат во  добри раце е, јави се за информација од 16 – 17ч да ти кажеме како е.

Посета се разбира дека нема, мајката која е излорана дома е со висок ризик да донесе зараза при посета, сестри и докторите се нормално без маски, си живеат нормален живот надвор од болница ама они се имуни на зарази и вируси и никако не можат да пренесат ништо на бебињата.

Уште еден хорор е живеењето ден за ден и за тој 1 час во денот кога СМЕЕШ да се јавиш да прашаш како ти е детето.  Ако се јавиш и 15 мин порано ќе те искараат – „мајка знаете дека  информации се даваат од 16 до 17 часот.“ Па сега видете вие кога едно 60 – 70 мајки вртат во тој 1 час да добијат информации за децата на што тоа личи и изгледа и колку квалитетна информација ќе добиеш.

Отприлика разговорот иде вака:

Добар ден се јавувам за XY бебе, како е?

Критично сѐ уште ама стабилно за сега. Малку јадеше, јавете се утре. Пријатно. Разговор од 20 секунди ако успееш да стигнеш до минута ти си среќна мајка.

Е сега се супер ако е стабилно, ама што ако не е и те бомбардираат со информација – „имаше криза, престана да дише, тешко е“ – па ти имаш 650 прашања со грутка во грлото и солзи во очи, а на докторката ѝ се брза да те „откачи“ затоа што други мајки во ист момент вртат за да дознаат информации, а телефонот е тој еден па кој прв улови линија супер?

Ништо, ќе си плачеш дома додека се измолзуваш за да одржиш лактација и се штрецаш на секое ѕвонење на телефонот да не случајно ти се јават од клиника дека нешто не е како што треба. Тоа што ти иде да урлаш на цел глас од мака, ќе го потиснеш и ќе стиснеш заби. Тоа се бори таму, ти од надвор можеш само да се молиш и да се бориш да мислиш позитивно додека постродилна депресија те мава од ѕид, а хормоните ти дивеат како улави. Мајка си, млеко имаш бебе немаш. Изгубено се осеќаш и не знаеш што да направиш и како да го изгураш денот да заврши побрзо. Таткото е по дифолт тој што треба да е силниот и да ѝ биде поддршка на мајката додека трае сето ова, но што е со самохраните мајки кои проаѓаат низ оваа голгота? Ако мајките што имаат дома поддршка се осеќаат изгубено, замислете низ што проаѓа самохраната мајка која е сосем сама во тој процес.

Да се разбереме во овие ситуации во Македонија таткото го нема, мајката нема право да си го види детето, а не па таткото….ќе го види здравје ако си го земат дома, ако не нема ни да си го знае детето што му се родило и што се борело за живот. И така татковците се во една надреална ситуација. За разлика од мајките тие не ги осеќаат промените од бременоста, ја немаат од старт таа поврзаност, збунети се од целата ситуација од една страна се татковци на бебе кое го виделе само на слика и толку, од друга немаат никаква шанса да го видат бебето и да дожиеват вистинска реална емоција, а од трета мора да се поддршка на мајката која „лудува“ со ролеркостер емоции како што опишав погоре.

Некои приказни завршуваат среќно, некои не. И едните и другите родители носат лузни од трауматскиот период кој го поминуваат додека да го дознаат крајниот исход од целата таа сага, а психолошка помош и поддршка на тој пат нема, бар не од државата…а не секој има средства, свесност или можност да си приушти приватен психолог.

Ако заврши приказната среќно супер, тогаш имаш мотив да се бориш и за него и за себе. Но што ако не заврши среќно? Ќе ти кажат ајде биди здрава и жива бабите на времето по 5-6 деца закопувале. И тука завршува утехата и поддршката на родителите на кои им починало бебето во Македонија.

Себеобвинувањето е најтешко, тоа е нешто на кое мора да се работи и тоа подолг период, посттрауматскиот стрес е уште поголем во комбинација со постнаталната депресија. Преиспитувањето дали направив доволно откако се породив е уште еден товар плус иако системот не ти дава можност апсолутно ништо да направи за своето дете. Можеш само да чекаш. Сето ова на куп заедно доколку не се обрне внимание може да доведе до фатални последици.

Докторите кои работат со овие деца мора да научат да бидат тактични и дека со коментарите од типот „Де бе мајка што си се фиксирала за храната“ за бебе кое го враќа адаптираното млеко и „малиот е турни ме да кинисам“ и „направивме пропуст“ само долеваат масло на огнот за гневот да биде поголем и недовербата во нивната работа да биде уште поголема. Ако не па за деца правиме муабет, а не за кукли. Што да прави родител со информација „направен е пропуст“ која завршува фатално? Да се жали? Каде? Во лекарска комора каде што ќе кажат се е ок? На суд? Да ја преживува повторно агонијата за на крај ако дојде до разврска да биде казнет дежурниот доктор 3 месеци со 15% на плата? На крај пак му останува да проба да ја надмине и таа ситуација, да се помири со загубата и со можната грешка и да продолжи понатаму…повторно сам без никаква поддршка и помош од државата и средината.

Ние како општество можеме и мораме подобро, затоа што тоа е најмалку што можеме да го направиме за предвремено родените бебиња, затоа што секоја една среќно завршена приказна е мотив за борба на родителите кои се во ова, а сознанието дека не се оставени сами на себе е непроценливо.