Јадам ко да нема да идам на одмор!

Ако не покажеш дека си богат, исто ко да не си

Наидов на некој податок дека закопчувањето на женската гардероба е од левата страна бидејќи во Викторијанското време гардеробата со закопчување била висока мода, а неа можеле да си ја приуштат само високите класи. Тие тогаш имале слуги, па жените ги облакале слугите, а закопчувањето е направено така да на слугата му е полесно, свртени према нивната претпоставена нив им е на десната страна. Така останало до денес, само без слугите, ама среќа само тоа останало бидејќи статусните симболи низ времето биле очајно лоши од денешна перспектива.

Во кралските кругови, дебелината не само што се сметала за симбол на богатство, туку и била активно поттикнувана. Постоеле „мајстори за дебелеење“ кои ги хранеле кралевите за да ги направат што потешки. Дебелината била често знак на богатство, аристократите намерно се дебелеле за да покажат дека се доволно богати и имаат храна во изобилие.

Во 16-тиот до 19-тиот век, корсетите биле неизоставен дел од облеката на жените од високите класи. Тие ги стеснувале половините до екстремни размери, буквално одвај дишеле и добивале деформации на ребрата и оштетувања на внатрешните органи.

Во 17-ти и 18-ти век, големите перики направени од природна коса биле статусен симбол. Тие биле обилно пудрани со мешавина која содржела брашно, талк и често токсични хемикалии. Носењето вакви перики резултирало со вошки, кожни инфекции и честопати неподнослива топлина.

Консумирањето големи количини шеќер во Европа, особено во 16-ти и 17-ти век, било привилегија на богатите. Шеќерот бил толку скап што луѓето со расипани или црни заби често се сметале за богати. Иако ова било симбол на статус, предизвикувало сериозни стоматолошки проблеми. Посиромашните често си ги боеле забите црни за да делуваат побогати.

Многу бела кожа била екстремно популарна во европските благороднички кругови, особено за време на Ренесансата и Елизабетанската ера. Жените (а понекогаш и мажите) користеле пудри направени од олово или арсен за да ја постигнат порцеланската боја на лицето. Овие супстанции биле токсични и предизвикувале оштетувања на кожата, па дури и труење. Ама ефектот бил креч бели да се во лицето. Ова особено земало замав после епидемијата на сипаници, кога им останувале лузни и флеки.

Богатите жени и мажи користеле шминка од живин сулфид (cinabar) за да ги добијат посакуваните црвени образи и усни. Ова често предизвикувало иритации, па дури и хронично труење со жива.

За време на 18-ти и 19-ти век, високата консумација на скап алкохол – особено вино, шампањ или скапи ракии – била знак на богатство. Во некои кругови, пијанството било дури и одобрувано како „модно однесување“. Ова доведувало до здравствени проблеми како цироза и други болести на црниот дроб.

Во средновековна и ренесансна Европа, месото било луксуз. Богатите често јаделе огромни количества месо, додека сиромашните претежно се хранеле со зеленчук. Ова предизвикувало подагра – болест наречена и „болест на кралевите“.

Во 18-ти век, богатите мажи од некои европски кралски кругови си ги пуштале ноктите за да покажат дека не мораат да работат. Долгите нокти често предизвикувале инфекции или потешкотии при извршување на секојдневни активности.

Парфемите во раниот модернизам биле толку скапи што богатите ги користеле во огромни количини, иако често биле направени од силни и алергиски компоненти, што доведувало до главоболки и кожни алергии. Во Франција во средниот век, бидејќи не се бањале, се полевале со парфеми и тоа било статусен симбол.