Понекогаш ми е криво што секогаш сум во право

Баш и не мора да прегориш од работа

Некогаш тоа да не знаеме за доста може да ни се врати јако од глава, посебно ако даваме многу од себе и гледаме како прегоруваме тивко, полека и кога ќе се освестиме што се случило веќе ни се случило она што го нарекуваат burnout, или на наш јазик кажано, прегревање од работа.

Во вакви случаи ни доаѓа да се откажеме од сè, а некои би рекле и дека би земале овци да ги пасат на планина, далеку од сите. Тоа што и овците бараат посветеност и работа е друг муабет, ама ако некој реши да го направи тоа ќе го оставиме сам да си види. А ние, на кои ова ни се случува одвреме-навреме прво нешто за кое што треба да сме свесни е токму тоа, дека се случува понекогаш и дека е нормално и очекувано. Не секој ден сме еднакво расположени и физички и ментално, некогаш можете светот да го освоите, а утре ви е мачна и помислата да излезете низ врата од дома.

А, кога ќе се случи тоа, не треба да заборавите дека:

  1. Најдобро се работи со бистра глава

Ова значи дека треба да го организирате денот, а не да чекате да се стемни, па тогаш да им седнете на обврските. Потоа, една по една задача, ќе стигнете, имате време. Не заборавајте да јадете и да пиете вода, па дури и да направите пауза и да прошетате. Не можете да дадете 100% од себе, веројатно тоа никој и не го очекува, но можете пристојно да го организирате времето и да ги одредите приоритетите, што значајно ќе ви олесни и ќе спречи да прегреете.

  1. Работата не е цел свет

Затоа и се работи осум саати на ден максимум, плус можеби и нешто да однесете дома да доработите, ама па не секој ден. Слободните викенди се за вас и тие што ги сакате, бидејќи секако веќе доволно време сте посветиле на работата (40 саати во пет дена). Нема да постигнете ништо позначајно ако не го земете одморот или ако не отидете на пауза, освен што побрзо ќе дојдете до burnout.

  1. Цел, ама и флексибилност

Сосема е во ред да имате план што ќе правите денес и што ќе завршите прво, а што подоцна. Сепак, има еден момент во кој заглавуваат дури и најдобрите – флексибилноста. Некогаш, природата на работата бара да бидете пофлексибилни. Поради тоа за нешто имате подолги рокови, а за нешто пократки. Некои ситуации бараат итна реакција, сега и веднаш и никако не смеете да ги игнорирате, ниту да ги оставите подоцна, бидејќи веќе следниот ден може да не се вредни, а да ве исфрлат од баланс. Значи, флексибилност, запомнете го зборов.

  1. Споредување со други

Ова не е здраво од никој можен аспект. Не ви беше убаво кога како мали ви велеа: „Е како Тања доби петка а ти пет минус?“, а не е убаво ни сами да си го правите истото. Ако Тања нешто прави за еден саат, а ти за два, не значи дека е подобра општо, туку само во тоа. Сигурно и ти нешто правиш побрзо и поефикасно од неа. Споредувањето само ќе направи да мислите дека сте полоши од другите. А не сте.

  1. Не го потценувајте одморот

На сите ни се случило да немаме време да земеме воздух и да одмориме. Животот не е лесен, никој не го ни очекува тоа, но од друга страна, не ги потценувајте паузите и одмарањето. Слушајте го телото и ако бара да одморите, да се напиете кафе, да јадете, што било, направете го тоа, па после продолжете со работа.