Единица за брза интервенција е групата на Вибер каде една од другарките пишува „дечко ми ми е нешто сумњив“

Боите што ќе газат летово

Посткарантински фешн

Олабавувањето на мерките за претпазливост за заштита од короната значи и дека веќе ќе можеме да мрднеме подалеку од двор или тераса, а и кога пиеш кафе на два метра од другарка на површина од 10 квадрати, треба и да личиш на нешто.

Иако кризата го смени целиот свет на повеќе начини, сепак не изостанаа новите модни трендови кои ветуваат стилски лето и есен (затоа што пролетта отиде веќе). Да разгледаме денеска кои бои ќе се носат, а на вас е да бидете креативни и да ги комбинирате со неутралните бои, но и една со друга, преку облеката и модните додатоци.

Шери црвена

Во палетата на Pantone е бележана со број 18-1662 и се вика Flame Scarlet, ама по светов ја нарекуваат и cherry tomato. Се работи за изразено црвена боја која потсетува на шери доматчињата во саксијата на тераса. Според стилистите, одлично се комбинира со црна и бела боја, а одговара на сите тонови на тенот.

Лимон

Жолтата има многу нијанси и иако е во принцип топла боја, ова лето ќе се носи нејзиниот ладен тон. Во палетата на Pantone се вика Sunlight и ќе ја најдете под бројче 13-0822. Одберете интересен летен фустан во оваа боја или пак користете ја преку модните додатоци како што се чантите и шеширите кои штитат од сонце.

Капучино

Ова е нијанса на кафеавата боја, а во своите летни колекции веќе ја имаат и Гучи и Фенди. Се работи за длабока и богата нијанса која е поволна за комбинирање со повеќе бои, вклучително и пастелните нијанси на зелена и розова. Можете да ја вклопите во обувките или пак да облечете панталони со бела кошула и црни балетанки или сандали.

Минт зелено

Бојава повеќепати беше модерна изминативе сезони, но секогаш наоѓа начин да се врати во тренд. Се комбинира одлично со други пастелни нијанси на зелена, но и со жолта, розова, па дури и капучино кафеавата од погоре. Храбрите модни блогерки веќе комбинираат и со портокалова или со сива.

Жиш-портокалова

Бојата како на кора од портокал е уште еден омилен тренд, особено кај тинејџерките. Ова лето, ако успеете некако да одите на плажа, нема да погрешите со бојава, без разлика дали таков ќе биде вашиот костим за капење или наметката за на плажа. Ако ја носите, комбинирајте ја со црно или бело, бидејќи бојата е преинтензивна и доволна сама по себе.

Лаванда виолетово

Оваа нијанса ставена во комбинација со зелено или жолто станува уште појасна и поинтензивна. Можете да одберете сандали или балетанки во лаванда виолетова или макси фустан кој ќе го носите за дневните прошетки.