Од супер моќи можам да те избришам од животов за две секунди и око да не ми трепне

Заштитна маска лето 2020

Бидејќи некој не носеше кога треба

Летото доаѓа, а поради коронавирусот уште е на сила препораката да се носат заштитни маски, за да се спречи преголемото ширење и заразување. Но, како што се стопли, така сите забележавме дека и не е толку лесно, бидејќи воздухот што го вдишуваме е топол, а и самото време нè прави поиритирани и понетрпеливи.

Од друга страна, медицинскиот персонал и оние кои работат со луѓе, на пример вработените во маркетите, фармацевтите, фризерите, угостителите, мораат цел ден да носат маска и по некое време се навикнуваат на тоа. Но, факт е дека пречи и дека е навистина тешко да вдишеме и да ги наполниме белите дробови со чист воздух. Затоа и ги гледаме оние кои ја носат само на уста, но знаеме и дека не треба така.

Тогаш, што да се прави? Како да се „преживее“ топлото време, особено што има шанси и цело лето да треба да ги носиме маските?

Најпрво, одолејте на потребата да ја тргнете од нос и да ја носите околу врат особено на места каде мора да се носат: маркет, банка, автобус, аптека… Значи мора! Во спротивно се изложувате на ризик себе, ама ги доведувате во опасност и другите, особено знаејќи дека и ако немате симптоми, можете да пренесете зараза или пак, да се заразите од некој кој не е ни свесен дека е носител.

Но, за сепак да си олесните колку што е можно и полесно да дишете, би требало:

Изберете материјал низ кој се дише

Низ памучни и текстилни маски полесно се дише, но за брзо време стануваат влажни поради кондензацијата. Од друга страна, синтетичките маски ви го потат премногу покриениот дел и тоа може да биде проблем ако си имате проблематична кожа склона кон иритации. Според последните препораки дури и марама ако носите е сосема коректно и шансите за пренесување се мали, под услов и другите ако се штитат. Па, поради тоа, кога е прежешко, изберете памучни материјали, не се грижете, кондензацијата брзо ќе се исуши на топлото.

Пазете на бојата и дезенот

Кога беше поладно, беше и поинтересно да носиме цветни и шарени маски, а црните дури и ни беа фенси. Но, кога е топло, белите се најдобар избор, од практични причини, веќе добро познати. Црните би направиле „сауна“ околу носот, дури и самата маска би била претопла. Затоа, би ви советувала да си изберете бела памучна, за да не се загушите од одење до продавница. Обидете се да не користите маски од износен текстил од стара облека, туку да бидат изработени од поквалитетни материјали кои тешко ќе пропуштаат честици.

Носете си една до две резервни

Ако треба подолго време да сте надвор, носете си и резервни маски, бидејќи на првата ќе се налепат честички од надворешната страна, ќе остане мирис од парфем, крема за лице, лабело, евентуално траги од шминка, а тоа е непрактично. Кога ја менувате со нова, старата спакувајте ја во посебна кеса, а дома задолжително исперете ги на висока температура, а потоа и испеглајте ги. Влажноста од внатрешната страна е одлична подлога за развој на микроорганизми, од кои голем дел може да бидат и фатални.

Ограничете го времето надвор и во гужва

Доколку сте во можност, ограничете го времето кое го поминувате надвор со маска на лицето. Поради отежнатото дишење, полесно се изморувате, па затоа вежбање и спортување со маска не е препорачливо кога е надвор жешко. Ако се чувствувате дека отежнато дишете, дека губите енергија, тргнете се настрана каде нема луѓе, извадете ја внимателно маската, обидете се да воспоставите нормален ритам на дишење, па ставете ја чистата и продолжете. Не е воопшто страшно да паузирате, бидејќи на сите ни е јасно дека е тешко да се дише кога е жешко, дури и во услови кога немаше вирус и не носевме маски.