Женско на втор дејт веќе знае дали би праела врска со тебе или ќе те прошета дур си најде друг, мислете си вие дека ја водите играта!

Имунитет од лежење

Спиење среде пандемија

Денеска нема да откриваме топла вода, туку само ќе го потврдиме она што веќе веројатно го знаеме, дека добриот сон е клучен во одржувањето на имунитетот.

Многу одамна ви кажувам дека не сакам да ме прекинуваат кога имам за лежење, бидејќи на тој начин, како што можете да видите, се грижам за своето здравје, а и науката е на моја страна. Кога сме наспани, односно кога телото ни е физички одморено, тогаш нашиот имунитет е поспособен да регистрира и соодветно реагира на патогените кои може да навлезат и да предизвикаат разболување или бактериска или вирусна инфекција.

Кога сме одморени, нашите лимфоцити имаат поголема способност да реагираат против потенцијалните зарази. Ова е една од причините зошто луѓето кои лошо спијат и се хронично уморни се и поподложни на разболување. Лоша вест е дека голем дел од нас постојано се соочуваат со овој константен замор, а автоматски и со влошен имунитет, што во услови на пандемија не е баш пријатно.

Од друга страна, покрај динамиката на живеењето и новиов корона-стрес од кој патиме скоро цела година, добро е да препознаете што друго ви пречи во спиењето. На пример, не морате баш откако ќе си легнете да читате мејлови, ниту да „висите“ на сите социјални мрежи. Избегнувајте кафе, бидејќи колку и да сте навикнати и „отпорни“, сепак тој кофеин си го прави своето.

Обидете се да имате колку што можете регулиран распоред на спиење и будење и не го користете креветот за да работите во него. Ако веќе не можете да заспиете, обидете се со уште една доза релаксирање, но во ниеден момент не го земајте телефонот, бидејќи толку е.

Помогнете му на своето тело среде пандемија, бидејќи здравиот сон е сто пати помоќен од земање витамини и додатоци, кои секако, најдобро функционираат кога сме релаксирани и одморени.