Долго време ми треба додека донесам некоја одлука, ама ко ќе донесам увек е погрешна!

Корејска нега за коса

„Некст левел“ од таа за лице

Корејската козметика е баш популарна периодов, но како што можев да видам, повеќе е фокусирана на кожата на лицето. Значи, правиме двојно чистење, па тонирање, после серум, па хидратација и секако, крема со СПФ. Но, како би било тоа кога е во прашање косата?

Фризерките во Јужна Кореја имаат сосема различен пристап од нашите. Според нив, негата на темето (скалпот, кожата на главата, како сакате), е прв чекор кој не смееме да го испуштиме. Значи, масажа со масла за коса или лосиони, зависно според вашите потреби, е првиот и многу важниот чекор пред да преминете на шампони, маски и средства за стилизирање. Дури и оние со мрсна коса можат и е дозволено да користат масла кои се наменети за нивниот тип.

Практикувајте корејски метод еднаш неделно. Изберете го маслото за масажа според тоа каква ви е кожата на главата. Тоа ќе ви помогне да ги потхраните фоликулите, но и да ги исчистите од насобраната нечистотија. Корејките применуваат и ексфолијација, која мора да биде нежна – ништо што содржи груби гранули не треба да биде триено на темето. Дозволете маслата и средствата за ексфолијација да делуваат околу половина час.

Потоа, измијте ја косата на вообичаен начин, без користење на агресивен шампон. Секако, пак ќе кажам, избирањето на козметика според типот на кожа и коса мора да ви е приоритет. Тоа што ѝ одговара на другарката, не значи дека е добро и за тебе, па затоа барај козметика која ти одговара.

По миењето и користењето кондиционер, нанесете третман кој не се измива (капки, креми…), особено ако косата ви е третирана со хемикалии или со топлински апарати.

Најинтересниот дел за мене доаѓа сега – Корејките сметаат дека плакнењето на косата со минерална вода е клучно во одржување на нејзиното здравје. Минералите и газираноста пружаат дополнително чистење на скалпот и отстранување на насобраните мртви клетки (првутот). После тоа, само исплакнете со обична вода.

Кога се во прашање производите, можете да користите од стандардната понуда и да ги комбинирате на корејски начин, но можете дури и да изберете од нивните производи за нега. Во секој случај, по неколку недели ќе забележите значајни промени на подобро.