Манете се со тоа траума дампингот
Си седиш така лабаво, пиеш еспресо и другарка ти одеднаш ти истура: „Знаеш ли дека мајка ми ми ги уништи сите соништа од детството?“. И ти остануваш со лажичката во рака, а во глава ти врти само едно: дали да го будиш Фројд во себе или да се помириш дека ќе ти биде исцицана енергијата. Е па тоа е trauma dumping – моментот кога некој целата своја болка ја истура врз тебе без да те праша дали имаш капацитет да ја носиш. Емотивен еквивалент на тоа кога во автобус некој ќе ти седне во скут без дозвола.
Не го прават тоа злобни луѓе. Најчесто се преполни со болка, како тенџере што врие, па мораат да го тргнат капакот за да не експлодираат. Проблемот е што не те прашуваат дали сакаш ти да бидеш шпоретот. Некои се експлозивци што долго држеле во себе, па првиот што ќе им се најде е нивниот „терапевт “. Други се кралеви и кралици на драмолетките кои веруваат дека колку подлабока рана ќе споделат, толку повеќе изгледаат мистично и интелектуално и воедно ќе се конектирате побрзо. Ова е алатка и кај некои од манипулативните техники за конекција, најчесто кај не толку блиски луѓе кои имаат итност да се конектираат. Трети се вечни жртви кои не сакаат решение, туку публика – па дури и ако им дадеш совет, тие ќе најдат начин пак да бидат трагични јунаци. Што е заедничко на сите? Две работи, првата е дека за нив терапевт е глупост, они да оделе да раскажувале на непознати свои работи немало шанси, а втората е дека вие треба да бидете само уво, немаат потреба од совет и решение.
А кој слуша? Па ние, оние што мислиме дека ако не слушаме ќе изгледаме себични. И додека однадвор штрафиме со глава и викаме „мхм“ и „разбирам“, одвнатре се вртиме во круг и си мислиме: јас само сакав да зборуваме за новата серија, а завршив како бесплатен терапевт. Динамиката е секогаш иста – едниот се олеснува, другиот се дави.
Дали е себично? Можеби не свесно, ама дефинитивно се доживува себично. Слично како кога ќе добиеш 30-минутен монолог во чат, а на крај: „Извини што ти досаѓам 😊“. Емоџито магично не брише ништо, само додава слој пасивна вина.
Што е здраво споделување? Едно едноставно прашање: „Имам тежок ден, имаш ли енергија да ме слушнеш?“. Со тоа покажуваш почит и даваш избор. Ете ја разликата меѓу вистинско пријателство и емотивно искористување. Ако пак те фатат неподготвен, има неколку фрази што можат да те спасат без да испаднеш ладнокрвен: „Ми е жал што поминуваш низ ова ама во моментов немам капацитет да слушам детално“, „Звучи тешко, ама можеби ќе биде подобро да зборуваш со некој што има повеќе простор за ова“, или пак „Во моментов сум дефокус, а би сакала да ти обрнам целосно внимание – може ли да го оставиме разговорот за друг пат?“. Ниту е магија, ниту е грубост – тоа е само здраво чување на себе.
На крајот trauma dumping не е зло само по себе, туку сигнал. Знак дека некој не знае како да ја регулира сопствената болка и несвесно ја истура наоколу. Ако е еднократен излив – можеби е крик за помош. Ако е навика, тогаш си заглавен во филм што никогаш не си го избрал, а режисерот е нивната траума. И сосема е во ред да кажеш: „Извини, не можам сега, стварно“.
Многу е важно тука да правиме разлика меѓу trauma dumping и venting. Вентинг е кога некој ја споделува својата фрустрација или лоши емоции за да се ослободи од нив и тоа обично се случува со некој што слуша, но слушачот е подготвен и има простор за тоа. Вентинг е со цел емотивно регулирање и може да биде двонасочен – често се добива и поддршка, совет или барем разбирање. Клучното е дека се бара согласност и се препознава границата на другата страна. Пример: „Имав лош ден, можам ли да ти кажам што се случи?“. Вентингот е здрав, согласен и умерен начин за емоционално ослободување, додека траума дампингот е наметливо пренесување на болка кое може да ја оптовари другата личност.