Француската кујна била најдобра…и мојата е добра само уште висечи да ставам

Мирисаш како принцеза

Ако некогаш се прашувавте како мирисаат кралиците и принцезите

Парфем, тоа е онаа течност во стаклено шишенце што ја прскаме за да си мирисаме убаво себе (добро, и за да оставиме облак по кој ќе се вртат другите) и која станува дел од нашиот идентитет, нашата ДНК, нашата препознатливост.

Некогаш, колку што може да нè направи забележителни, толку може и да го уништи впечатокот, па затоа си има парфеми што се соодветни за ден, за попладне, за вечер, за есен, за лето, за во голема гужва, за во мала гужва, за во канцеларија, за во случај да треба да се сретнете со кралицата или со војвотката Кејт… А, можеби и сте се запрашале, како тие мирисаат, па претпоставувате врз основа на префинетиот изглед и погодувате што ли носат.

Кејт Мидлтон за венчавката од принцот доби шишенце од Illuminum’s White Gardenia Petals. Illuminum е парфемски бренд од Велика Британија, а Кејт мириса на гарденија, момина солза и јасмин и тоа го плаќа (ѝ го плаќаат) 150 фунти по шишенце. А, кога сака посекојдневна опција, го избира Dune на Dior.

Омилен на принцезата Дијана и бил цветниот Houbiquant’s Quelques Fleurs, идеална мешавина на тубероза, јоргован, лимета, мошус, јасмин, момина солза и бели рози. Оригиналот е првпат произведен во 1913, денеска подзаборавен, ама уште достапен во продажба.

Принцезата од Монако, Грејс Кели, била обожавател на една луксузна парфемска куќа, Creed, кои најпрво го направиле Fleurissimo токму за неа во 1956 година, пред потоа да го прилагодат и за комерцијална намена. Мирисот е комбинација на ирис, роза, тубероза и бергамот. Во денешно време овој парфем ѝ е омилен на Мадона.

Кралицата Елизабета Втора и до ден-денешен е лојална на францускиот бренд Guerlain, а најомилен од нивната линија ѝ е L’Heure Bleue, кој првпат го произвеле во 1912 година и тоа Жак Герлан, сопственикот. Парфемот е достапенво нивната редовна понуда, а мириса на ирис, каранфил, ванила и зачини, сандаловина, цвет од портокал, бибер, мошус, ветивер, јасмин и орхидеја. Едни велат бил претежок за секојдневно носење, ама кралицата пак си го носи секој ден. Вториот кој го користи, е Mitsouko Guerlain.

Меган Маркл е обожавателка на дизајнерката Џо Малон, која е позната по нејзините луксузни козметички производи. Поточно, Меган, дури и откако не е веќе со кралска титула, си го носи Jo Malone Wild Bluebell, кој има свеж цветен мирис на зумбули, момина солза, шипинка, со острина на каранфилче.

Кралицата Летиција е љубител на класиката на комерцијалните брендови, па затоа во својата колекција секогаш го има Lancome Tresor, кој во себе содржи ноти на мошус, сандаловина, праска и кајсија, а таа го носи во секое годишно време и во секакви услови.