Винарија е игротека за возрасни

Нашите мозоци сакаат убавина

Од секаков вид

Убавите нешта се или универзално убави или па сè е до личната перцепција, но без разлика за каква убавина зборуваме, едно е сигурно, нашиот мозок тоа го сака и ужива кога го регистрира.

Убавината била тема на размислување на многу мислители и филозофи, поетите се обидуваат да ја доловат со зборови, а уметниците со бои и форми. Сега науката се обидува да даде дефиниција за тоа што е убаво. Има многу теории и се засновани на пропорции, редоследи, комплексност, баланс, симетрија и хармонија. Се согласувам дека она што ми е убаво мене, баш и не мора да му е на друг, но сигурно сите се согласуваме и дека штотуку навеан снег, неизвалкан и неизгазен е убаво. Убаво е и кристално синото море покрај песочна плажа. Убава е и добро декорирана чоколадна торта и расцутени јорговани и парк прекриен со зеленило…

Но, кој дел од нашиот мозок ја регистрира убавината? Некои невролози имаат теорија дека имаме посебен центар за тоа, но нема силни докази за ваквото тврдење. Според други, кога би било така, тогаш за нас исто би било дали перцепираме убава песна, убава слика, пејзаж или храна, што знаеме дека не е така. Поинтересна е идејата дека во глава имаме модули, односно повеќе центри кои го воспримаат убавото на различни начини, во зависност от дразбата.

Без разлика која од теориите ќе се покаже како точна, интересна е и појавата дека кога сме лошо расположени, перцепирањето на убавината е потешка. Кога сме тажни, речиси ништо не ни е убаво, па дури и омиленото чоколадо може да има горчлив вкус, а бојата која инаку најмногу ја сакаме, да не можеме да ја поднесеме. Но, интересно е и тоа што кога не се чувствуваме добро, ако се изложиме на убавина, како што е парк, планина, облека, уметност, музика, филм, можеме и да си го подобриме расположението, што пак нè води кон тоа дека убавината е нешто што нашиот мозок го сака и регистрира.

Ако мене ме прашувате, убавите нешта е тешко да се опишат со статистика, математика, симулации и други научни пристапи. Таа не е еднина, за да можеме да дефинираме својства, како што тоа можеме да го направиме за куќа, дрво, куче, маче, човек. Научното истражување, дури и да успее да даде дефиниција, секогаш ќе постои нешто ново што ќе биде пријатно за око, што ќе ги задоволува критериумите на естетиката, па наместо да бараме најразлични теории, наше е да уживаме во она што ни е убаво, нас, на нашиот мозок и на нашето око.