Тенксгивинг е единствен празник што нема да го присвоиме пошо овој народ тешко фала да каже

Некои жени имаат стандарди и нив ги викаме high-value

Сигурно веќе сте го сретнале терминот „high-value woman”, во буквален превод „жена од висока вредност”. Обично се однесува на жена која се почитува себе, ја знае својата вредност и поставува јасни граници во односите и животот. Различна е од жените кои се посветени до понизни граници или попознати по терминот „submissive”, а дијаметрално е спротивна од „pick-me” или „одбери ме мене“ жените кои имаат поголема потреба од внимание и валидизација од околината. Термините во буквален превод и не звучат баш најдобро ама ги пишав за да ви биде појасно на што се однесува. Еве некои од границите кои жената од висока вредност ги поставува:

Личен простор и време: Таа го цени својот личен простор и времето за грижа за себе, хоби и интереси. Поставува граници околу тоа колку време поминува со другите, а колку време посветува сама на себе. Ова е жена која може да седи сама и да ѝ е забавно, не зависи од друштво по секоја цена и не е тип кој ги одложува своите планови за да ги задоволи туѓите планови.

Респектирачка комуникација: Одржува комуникација со почит кон другите, без клевети, без лаги и не толерира вербално злоупотребување или манипулација. Ваква жена не можеш да воодушевиш со муабети за бившите, муабети за споредување со останатите или со манипулативни техники кои обично малограѓаните се убедени дека ги владеат.

Емотивни граници: Поставува граници околу своите емоции, разбирајќи дека е одговорна за своите чувства и реакции. Јасно ги комуницира своите емотивни потреби и очекува да бидат почитувани. Оваа жена нема да комуницира тага само за да предизвика емпатија кај соговорникот и да се стави во улога на жртва, ниту ќе комуницира радост ако не е радосна. Овој тип на жена не манипулира со емоциите, едноставно ги покажува во одредена граница, но не дозволува да ја водат емоциите во животот, рациото кај неа е поразвиено.

Лични вредности и убедувања: Јасно ѝ е колку вреди и поставува граници околу ситуации или луѓе кои имаат проблем да го прифатат тоа. Жената од висока вредност точно знае што носи на масата на која седи и доколку некој сака да ја понижи или минимизира нејзината вредност ќе наиде на црвена линија.

Физички граници: Јасно поставува граници околу својот личен простор и очекува од другите да ги почитуваат. Ова може да вклучува одбивање на физички допир со кој не се чувствува комфорно, гушкање или пипкање на коса или облека.

Време и обврски: Го цени своето време и обврски, поставувајќи граници околу тоа колку може да даде на другите. Ова може да вклучува одбивање на барања , гледања, делегирање на обврски и јасно кажување на „не“ на работите за кои нема време.

Финансиска независност: Ги одржува финансиските граници и независноста, инсистира да се почитуваат нејзините лични финансиски одлуки и никако нема да дозволи да е искористена финансиски.

Грижа за себе: Приоритизира грижа за себе и поставува граници околу активности и луѓе кои и ја исцрпуваат енергијата или го реметат раатот.

Граници во односите: Во романтичните односи, ги установува здравите граници околу очекувањата, комуникацијата и взаемно почитување. Ова вклучува и одржување на сопствен идентитет и интереси вон односот. Оваа жена нема да седи ни мунита во врската ако сфати дека не е почитувана ниту ќе толерира неприфатлив однос како нелојалност, неискреност, нестабилност или несериозност.

Професионални граници: На работното место, поставува граници околу работниот простор, очекувањата и интеракциите со колегите или надворешните соработници за да одржи здрав баланс помеѓу работа и личниот живот.

Поставувањето и одржувањето на овие граници бара самосвест, асертивност и дисциплина. Жената од висока вредност разбира дека установувањето на граници е суштинско за одржување на здрави односи, лична добробит и почит кон себеси. Луѓето кои не почитуваат туѓи граници се обично оние кои немаат свои па може да им биде чудно што некој друг ги има. Тие луѓе ќе ја доживеат жената од висока вредност како тешка личност или арогантна. Жената од висока вредност нема да ги доживее нив никако бидејќи ќе ѝ бидат под нејзините стандарди.