Коа си мал сакаш да си постар, коа си стар сакаш да си помлад, коа си у средина појма немаш шо сакаш!

Не, другите не се забавуваат повеќе

Ако скролаш 10 минути и одеднаш ти се појави мислата „чекај… сите други живеат подобро од мене“, честитки — те фати најкласичната интернет илузија на модерното време.

Ова чувство има дури и име: социјална споредба, ама на интернет ниво тоа е upgrade верзија каде мозокот ти верува дека туѓите highlight моменти се нивниот цел живот, а твојот цел живот е некој behind the scenes што не е интересен. Оваа социјална споредба мозокот ја прави автоматски, буквално како „брза проценка“ за да сфати каде стоиш во однос на другите. Кога гледаш туѓи слики или постови, мозокот прво ги обработува како информации за „социјален статус“ и „успех“. Потоа, ги споредува со твоето сопствено искуство. Проблемот е што твојот мозок ги користи твоите реални, секојдневни моменти како база, а за другите ги користи само нивните избрани, најдобри моменти. Тоа се случува преку систем за награда и емоции, кој реагира на тоа дали нешто изгледа „подобро“ или „полошо“ од тебе. Ако изгледа дека другите се повеќе успешни, мозокот може да активира чувство на недоволност или анксиозност — не затоа што е вистина, туку затоа што еволутивно бил програмиран да следи социјална позиција во група. И затоа ова чувство се јавува автоматски: мозокот не прави анализа на цела реалност, туку брза споредба базирана на нецелосни податоци.

На интернет гледаш луѓе што се смеат на патување, совршени вечери, излегувања што изгледаат како сцена од филм, врски што изгледаат беспрекорно и животи што изгледаат како да немаат паузи, досада или „денес не ми се станува“. А реалноста е дека ти не гледаш нивен живот, туку нивен најдобар кадар, внимателно избран, обработен и објавен во момент кога изгледале најмалку хаотично.

И таму мозокот прави мал саботажен трик: ги споредува твоите досадни моменти со туѓите highlight reels. Твојата реалност е „станав, имам обврски, малку сум без енергија“, а туѓата реалност изгледа како „животот ми е филм“. И нормално, ти изгледа како да губиш, иако споредувањето во старт е наместено. Најопасното нешто е што ова чувство не доаѓа од тоа дека навистина ти фали нешто големо, туку од тоа што мозокот заборава колку е филтрирана сликата што ја гледа. Интернетот не ти покажува досада, неуспешни денови, несигурности и обични моменти каде ништо не се случува. А баш тие моменти се најголемиот дел од реалниот живот на сите.

И тука е првиот чекор да се смири ова чувство: да си се потсетиш дека споредуваш реалност со монтажа. Не затоа што другите лажат, туку затоа што никој не објавува 80% од својот живот каде ништо спектакуларно не се случува.

Вториот чекор е да го фатиш моментот кога почнуваш да „се губиш“ во скролање. Не затоа што социјалните мрежи се лоши, туку затоа што тие се дизајнирани да ти го земат фокусот и да ти дадат бесконечен материјал за споредување. И таму мал трик е да си поставиш прашање: „дали ова што го гледам ме инспирира или ме прави да се чувствувам ко лузер?“. Ако е второто, не мора драматично да се откажеш од сè, ама можеш да направиш пауза.

Третата работа е потсетување дека исполнетост не изгледа како пост. Исполнетоста многу често изгледа како досадни, повторливи денови каде ништо не е драматично, ама сè е стабилно. Интернетот те убедува дека животот мора да изгледа возбудливо за да вреди, ама реално мозокот најмногу мир добива во обичност, не во спектакл.

И најважното — чувството „другите живеат подобро од мене“ не е вистина, туку сигнал дека си премногу долго во туѓа уредена верзија од реалност. Не дека ти фали живот, туку дека ти фали малку дистанца од споредување.