Ми вика “земи направи место у фрижидер да го стаам ова”, па земав изедов два реда…сеа има место

Не спасувај други ако се губиш себе

Никој нема да рече „фала“

Луѓе ко луѓе, некогаш повеќе гледаме на другиот да му направиме да му биде добро и убаво, дури и по цена самите да се жртвуваме во тоа име.

По некое време, потсвесно избираме да се оддалечиме од таквите, особено ако со секој наш обид да бидеме фини, добиваме лош третман. Заслепени од идејата дека ако сме поупорни, тие ќе ги видат нашите обиди да ги спасиме, често се доведуваме до губење на својата автентичност, што е алармантно во секој можен поглед.

Некогаш се „фаќав“ себе како газам низ оган и кал за некои луѓе, но многу одамна сфатив дека не можеш секому да бидеш спасител. Разочарувања имало и ќе има, но никој не вреди толку за да се изгубиш себе во целиот тој процес. Запомни, не е твоја работа сама да го спасуваш светот.

Да се биде личност која се труди да се спаси себе, наместо другите, е вештина која се учи. Кога некој се бори со проблем, можеш да бидеш поддршка, да помогнеш малку, но ако тоа се одолговлечи, па дури и те повлече во безнадежна дупка, таа личност не бара помош, туку друштво на дното.

Од друга страна, не ви кажувам да не помагате на никого, туку само на оние кои притоа нема да ве повредат. Тие другите не го ни заслужуваат тоа. Додека едни се родени да им угодуваат на луѓето, други се на овој свет само да го искористат сето тоа, да го испијат и уништат секој атом енергија кој некој го вложува во нив и да ја злоупотребат грижата која им е дадена, бидејќи не знаат за доста.

Не сакам екстреми, но со текот на времето сфатив дека во одредени ситуации е најпаметно на некого да му посакаш среќа и да се повлечеш. Можеби ќе постои и грижата на совест дека на некого не сме дале доволно шанси, но штом овој збор е кажан во множина, тоа е јасен знак дека сме дале и премногу.

Не губете се себе во обид да спасите некого – наместо тоа, вратете се таму каде бевте пред оваа личност да влезе во вашиот живот. Само на тој начин ќе можете да увидите колку од својата автентичност сте изгубиле и дали навистина вредело.