И да врне пак ќе изгорам на плажа!!!

Овертинкинг филмовите во твоја режија се глупи

Ајде да паничиме за нешто што не постои

Овертинкинг или во превод: мозокот ти има бесплатен Netflix, ама репризите се од твоите најлоши сцени. Легнуваш да спиеш со чиста намера да бидеш нормално човечко суштество што ќе одмори, и тамам ќе почнеш да тонеш, мозокот ти пушта епизодичка: „Сите глупости што си ги направил од 2014 до денес“. И тамам мислиш ќе заврши тука, он додава бонус епизода: „Ајде да анализираме што значеше погледот на колешката денес во 14:37 ама детално.“

Овертинкинг е моментот кога мислењето престанува да ти служи и почнува да те малтретира. Не носиш одлуки, ги преџвакуваш. Не анализираш, туку копаш толку длабоко што веќе не знаеш дали бараш одговор или само си отворил нов проблем. И најиронично, колку повеќе мислиш дека ќе дојдеш до „правото решение“, толку повеќе се заплеткуваш во сопствените сценарија. Па нешто ќе си додадеш по свој избор за сцената да е појака, па ќе фрлиш емоција две-три за драматичност, па ќе посипеш една доза параноичка за уметнички дојам…

Зошто го имаме? Бидејќи мозокот не е тука да ни го прави животот лесен, туку да не одржи живи. Реално, попаметно е да претпоставиш опасност отколку да бидеш изненаден од неа. Подобро „што ако има тигар зад грмушката“ отколку „ајде да видиме па ќе мислиме“. Само што денес тигрите се заменети со „seen“ без reply, чудни пораки и ситуации што можеби немаат никаква длабочина, ама мозокот решава дека ова е прашање од национална безбедност и ти баш сега еве мора да го размислиш ова.

Ова доаѓа и од потребата за контрола. Ако го анализираш доволно имаш чувство дека ќе го контролираш исходот, спојлер: нема. Доаѓа и од несигурност, од она „што ако згрешам“, „што ако мислат нешто“, „што ако…“, и тоа „што ако“ се множи како да е шпанска серија од 12 сезони. Со тек на време, станува навика. Мозокот учи дека ова е стандардниот режим и автоматски се префрла таму, особено кога имаш емоции што не си ги процесирал, па решиле во 3 сабајле да си прават журка.

И сега доаѓа интересниот дел. Овертинкингот не е само негативец во приказната. Има и своја „добра страна“, ако можеме така да ја наречеме. Луѓето што премногу размислуваат обично читаат ситуации подобро од другите, забележуваат детали што другите ги пропуштаат, знаат да планираат неколку чекори однапред и имаат силна емпатија, затоа што буквално размислуваат за сите можни перспективи. Практично, мозок што работи прекувремено без да побара плата.

Ама цената е малку… висока. Анксиозност што се качува на ниво „ајде да паничиме за нешто што можеби никогаш нема да се случи“. Парализа при одлуки, каде што избирањето станува проект како да купуваш стан, а не да решиш што ќе јадеш. Измислување проблеми што реално не постојат и емоционално исцрпување од ништо конкретно, затоа што технички ништо не си направил, само си мислел до точка на замор.

Како се справуваш со тоа? Не, нема магично „престани да мислиш“, тоа е исто како да му кажеш на интернетот да не постои. Ама можеш да го скратиш ланецот. Да си дадеш временска рамка, да речеш „ќе размислувам за ова 15 минути и чао“, дури и ако не си стигнал до совршен заклучок. Да правиш разлика меѓу факти и сценарија, затоа што „не ми врати порака“ е факт, а „ме игнорира, ме мрази и планира нов живот без мене“ е филм што мозокот ти го продуцира со ич буџет. Да ги запишеш мислите, бидејќи мозокот се смирува кога не мора да држи сè во глава како да е архивар. И да се вратиш во сегашноста, колку и да звучи клише, затоа што телото најчесто е мирно, само умот прави драма. И можеби најважното, да прифатиш дека нема совршена одлука. Постои само доволно добра. Сè друго е илузија што овертинкингот ја продава за да има причина да продолжи да работи. На крај, целата финта е прилично едноставна, ама не и лесна. Овертинкингот ти дава чувство дека контролираш нешто, а реално само се вртиш во круг како психолошки хрчак што има премногу слободно време. Поентата не е да престанеш да мислиш. Поентата е ти да мислиш, а не мислите да мислат за тебе.