Понекогаш све глеам црно. И после ми здосадува и станувам да запалам светло.

Паметните луѓе сами си ја создаваат среќата

Само малку работа на себе и вие сте среќен човек

Од одма да се договориме дека среќа не е ни судбина, ни пишано, ни нешто што зависи од друг, ни лотарија, ни ништо. Среќата е состојба на емоционално задоволство, а вие имате контрола над вашите емоции. Што значи, среќата е нешто што можете да го создадете, ако изберете да го создадете.

Среќата честопати па не изгледа многу како избор, oсобено кога во секојдневниот живот се среќаваме со работи кои ни го реметат раатот. Но,  среќата навистина е избор. Само треба да сте паметни, а сте, да имате контрола врз себе и да знаете да си ги препознавате емоциите. Тоа се постигнува со работа на себе ама па сигурна сум дека вие работите на себе и не чекате да ве светне среќа од нигде никаде. Одиме чекор по чекор:

Паметните луѓе повеќе се фокусираат на изобилството во нивниот живот отколку на недостатокот. Не можеме да чекаме животот да биде совршен пред да дозволиме да бидеме среќни, едноставно тоа никогаш нема да се случи. Животот не е совршен, ниту ние. Не можеме секогаш да ја контролираме ситуацијата во која се наоѓаме, но можеме да одлучиме каде ќе се фокусираме. И тој избор е значаен кога станува збор за создавање повеќе среќа. Фокусирајте се на недостатокот и тоа е она што ќе го почувствувате. Фокусирајте се на тоа што го имате и ќе почнете да чувствувате подлабока благодарност за сето она што веќе го имате, без разлика на тоа колку уште сакате од животот. Паметните луѓе максимално го користат она што веќе го имаат, едноставно обрнувајќи внимание на тоа.

Паметните луѓе не се окупирани само со себе, туку и со своите блиски. Можеби една од причините зошто фокусирањето на другите нè прави посреќни е затоа што го подобрува чувството за социјална поврзаност. Општо познат факт е дека кога даваме сме посреќни отколку кога примаме. Давањето предизвикува чувство на благодарност.

Паметните луѓе не се плашат да се стават на прво место и да ги кажат своите потреби. Треба да се постават граници за тоа што ве прави несреќни во некој однос и да не се чувствувате виновни што сте кажале „не“, ниту да сте загрижени дека ги разочарувате другите. Изборот да бидете среќни значи да дозволите вашите сопствени потреби и желби да бидат слушнати. Ако секогаш ги ставате желбите, идеите и чувствата на другите над вашите, тоа е всушност форма на самопредавство. Потсвесно велите дека сте помалку достојни за среќа од оние околу вас. Глупаво, нели?

Паметните луѓе преземаат целосна одговорност за сопствениот живот. Сè додека не преземеме одговорност за себе, остануваме жртви во животот. Кога ни се случуваат гадни работи, обично бараме некого или нешто за виновен, особено кога знаеме дека сигурно не е наша вина. Но, опасноста од ова е дека може да ви ја одземе моќта. Паметните луѓе знаат дека со преземање на контрола над сопствените чувства и постапки ја враќаат контролата. Ова ги прави да бидат попроактивни и да имаат повеќе можности во нивните животи.

Паметните луѓе не се замараат со ситници и не ги пумпаат проблемите. Малите нервози (кои не можеме ни да ги контролираме) го зголемуваат нашето ниво на стрес до 15%. Знам дека е полесно да се каже отколку да се направи, но паметните луѓе ја избираат среќата размислувајќи за тоа дали навистина вреди да се грижите за нешто или не.

Паметните луѓе не држат огорченост. Мислам дека нема личност на оваа планета која во одреден момент не се чувствувала онеправдано. Без разлика дали тоа е изневерување, непочитување, игнорирање или занемарување – сигурно боли. На крајот на краиштата, науката покажува дека емоционалното отфрлање и социјалната исклученост се чувствуваат на ист начин како и физичката болка во мозокот. Така, можеме да ја чуваме таа болка и да носиме лутина. Можеме да ги повторуваме погрешните дела одново и одново во нашиот ум, преживувајќи го ова страдање ама со тоа се самоповредуваме.

„Огорченоста е како да пиеш отров, а потоа да се надеваш дека ќе ги убие твоите непријатели“- Нелсон Мандела

И тоа е толку точно.

Паметните луѓе не секогаш го очекуваат најлошото. Сите познаваме по некој што секогаш го чека најлошото сценарио. Тоа е неверојатно исцрпувачко, не само за него, туку и за тие околу. Таквите личности сметаат дека ако ги анализираат лошите работи кои можат да се случат, ќе бидат попоготвени ако се случат. Но, во реалноста сè што прават е создаваат многу стрес, вознемиреност и несреќа. Буквално преживуваат и чекаат некоја несреќа иако абер нема од такво нешто. Овој тип на хипер-внимателен пристап всушност ни ја одзема среќата. За жал, кога влегуваме во нешто очекувајќи го најлошото, ненамерно можеме дури и да го создадеме. Не треба да правиме непромислени избори без да ги земеме предвид последиците, но, во одреден момент да прифатиме дека има работи што не можеме да ги контролираме. Колку и да е непријатен тој факт, тоа е само дел од животот.

Психолозите тврдат дека умното стремење да создадеме оптимистички поглед нè прави многу посреќни отколку да имаме песимистички поглед на светот.

Паметните луѓе практикуваат целосно самоприфаќање, дури и кога се во прашање нивните сопствени маани. Ајде да се соочиме: Како луѓе, можеме да бидеме неверојатно тешки кон себе. Еве, ние жените, се трудиме да бидеме супержени и да го направиме сето тоа што мислиме дека се очекува од нас. Исто така, се трудиме да се држиме до невозможните стандарди за убавина. Ништо нема потенцијал веднаш да ви ја одземе среќата и самодовербата, како оној критички глас што живее во сите нас. Затоа, учењето да го смириме тој глас прави многу за нашата благосостојба. Паметните луѓе учат да прифаќаат сé од себе. Тоа ги вклучува и оние делови за кои можеби се чувствуваме засрамени, виновни или лоши. Има огромно олеснување што доаѓа со признавањето: „Не сум совршен и тоа е во ред. Доволен сум“. И тоа е сé што треба да мислите за себе.

Паметните луѓе исто така ја прифаќаат реалноста на нивниот живот, без разлика каква е. Тоа е што е, одиме понатаму кон подобро. Тие го избираат ова едноставно прифаќање на она што веќе постои во животот, наместо да се борат против него.

Среќата е избор, само треба да вежбате позитивни мисли и фокус кон убавите работи во животот. После само ќе ви доаѓа.