Јас на филм не давам втора шанса, не па на тебе!

Партнер каков што не ви треба

Ни во 2021, ни никогаш

Токсичните луѓе ми се омилена тема, не затоа што се тие посебни, туку затоа што умеат од секого кој ќе го „уловат“ да направат да се чувствува безвредно. Секако, тоа го прават доста суптилно, инаку како би им успеало.

Најлошо од сè е кога ќе се најдете со таков партнер (не дека другите комбинации не се лоши, но денес за ова зборуваме). Суровата вистина е дека не заслужуваат ни трошка од вашето внимание, но уште посурова реалност е дека ќе потрошите многу енергија додека да се освестите што човек имате до себе.

Сепак, ако може некако да се олесни, ова се неколку однесувања кои се застапени кај нив:

  1. Не сфаќа дека ве повредува

Научени се да кажат „извини“ многу лесно, бидејќи тој збор за нив нема ама баш никаква вредност. Оние кои искрено се извинуваат и каат за нешто, тешко наоѓаат зборови за да го искажат тоа. Но, ако гледате дека некој само се извинува кога ќе укажете дека ве повредил, а притоа воопшто не се менува, тоа е прв знак дека не им е јасно колку вреди врската со вас.

  1. Жртва сте на гаслајтинг

Уште една омилена тема за која имам зборувано многу. Најпрост пример е тоа што ве уверуваат дека не сте во право за одредени работи, глумат жртви, па дури и прават да се чувствувате виновно и самите да поверувате дека сте полуделе и замислувате нешта.

  1. Не добивате поддршка

Поддршката секој си ја сфаќа според своите ставови и верувања. За некои тоа е финансии, за други емоции, за трети е само разбирање. Но, ако не добивате ништо, апсолутно никаква поддршка и притоа се „вади“ на презафатеност и немање време да толкува што вам ви се случува, па дури и да ве обвинува што јасно не сте кажале што ви треба – тогаш повлечете се. Сите заслужуваме сочувство и емпатија, а не некој да нè гази дополнително кога ни е тешко.

  1. Сака да ви биде приоритет

Во моментот кога ќе забележи дека нешто не ви е добро, дека се случува нешто со вас, нервозни сте или сте имале лош ден, наместо да молчи ако не може да помогне, почнува да се буни дека не ви е приоритет. Притоа, уште толку ве „затупува“ со неговите проблеми, гледајќи ве како се кршите под притисокот, без грам грижа на совест.

  1. Ве обвинува за начинот на кој сте кажале нешто

Ова е една од најисконските карактеристики на овие луѓе. Тие тврдат дека не е проблемот во она што сте го кажале, туку дека е спорен начинот на кој сте го кажале. После тоа, постојано ќе се преиспитувате дали да кажете нешто, размислувајќи како ќе ве сфати, а кога ќе забележите дека сте се претвориле во некој што само молчи и премолчува, веќе ќе биде доцна.

  1. Не ги почитува вашите граници

Дури и во најсреќната врска меѓу две најчисти личности на светот, граници мора да постојат. Некогаш е добро да споделите сè со партнерот, но има и такви ситуации во кои сами треба да се снаоѓате. Манипулативниот и токсичен партнер нема да ги почитува тие граници, а ќе ви ги наметнува своите проблеми, злоупотребувајќи ја положбата на врска, но и трошејќи ги вашето време и ресурси за справување со потешки ситуации. Ако успеете да го избегнете тоа, дефинитивно ќе ви се налути и целата ситуација ќе стане неподнослива.

Живеењето во ваква врска не е лесно, но не е лесно ниту да раскинете и веќе да не се свртите назад никогаш. Мојот совет е да не чекате вашиот партнер да се промени, бидејќи нема да го направи тоа или пак, ќе биде само привремено. Никој не заслужува такво нешто и иако веќе сте слушнале и знаете, пак ќе повторам дека не вреди да губите ни ден и да гледате да се спасите.