Пасивно-агресивните луѓе се дното на манипулаторите
Пасивно-агресивните луѓе се оние кои своите негативни емоции, како што се лутина, фрустрација или незадоволство, ги изразуваат на индиректен начин наместо отворено. Ова однесување се нарекува пасивно-агресивно, бидејќи не е отворена агресија (на пример, со викање или директно конфронтирање), туку е суптилно и скриено, најчесто со наместена насмевка и крајно лицемерно. Пасивно-агресивните личности се посебен тип на манипулатори. Тие се дното на манипулаторите, ниска форма на комуникација, комплетно немоќни да имаат контрола врз ситуацијата, буквално не прават ништо добро дури ни за себе, нивниот бенефит од манипулцијата е да ве наполнат со негатива, да ве држат во лимбо и да не знаете што да мислите. Екстремно глуп тип на манипулативна група. Пасивно-агресивните луѓе се склони кон прикриена форма на изразување на своите емоции поради несигурност или страв.
Карактеристики на пасивно-агресивните луѓе
Избегнуваат директна конфронтација – Наместо да го кажат тоа што го мислат или чувствуваат, тие избираат да го изразат својот гнев на индиректен начин. „Нема врска“, „Ништо не ми е“, „Ти си знаеш“…
Непостојаност во однесувањето – Често покажуваат една емоција или став, а однатре чувствуваат нешто сосема друго. На пример, може да се согласат на нешто, но потоа саботираат или избегнуваат да го направат тоа. Едно зборат, друго прават.
Одолговлекуваат и одложуваат задачи – Намерно ги одложуваат задачите или прават грешки, за да ги покажат своите несогласувања или да казнат некого. Ова се тие што не одговараат на пораки по неколку саати намерно затоа што за нешто сте ги налутиле ама вие не знаете точно за што.
Навреди завиткани во шега – Користат навредливи забелешки или „шеги“ за да ја изразат својата лутина, но не го признаваат тоа. Убедени дека се духовити и дека нема да препознаете дека ве навредуваат и обично го прават тоа пред други луѓе правејќи се духовити во друштво.
Мешање на љубезност и презир – На површината изгледаат љубезни или соработливи, но нивните постапки или тон покажуваат скриена лутина или разочарување. Оние што ви се смешкаат додека ве мразат, овие се тие.
Причини за пасивно-агресивно однесување
Ова однесување често е резултат на некој од следниве фактори:
Страв од конфронтација – Можеби не се чувствуваат удобно во отворен конфликт, па затоа бараат начини индиректно да го изразат несогласувањето.
Недостаток на самодоверба – Не се чувствуваат сигурни да го кажат своето мислење, па ја користат пасивно-агресивната комуникација.
Воспитување или културни фактори – Во некои култури, луѓето се охрабруваат да ги потиснат своите негативни емоции, што може да доведе до пасивно-агресивно однесување.
За да се справите со пасивно-агресивните личности, важно е да ги препознаете суптилните знаци. Да се обидете да охрабрите директна комуникација и отворено да разговарате за проблемите. Поставете граници и не дозволувајте да ве манипулираат со одложувања, тивок третман или други форми на пасивна агресија. Нивните техники се особено тешки за препознавање, бидејќи не се директни и отворени. Еве некои од најчестите манипулативни техники на пасивно-агресивните личности:
Тивок третман (silent treatment) – Игнорирање или целосно избегнување на лицето на кое му се лутат. Овој третман може да трае долго време и служи како начин на казнување. Најчесто е игнорирање, а ако не може да се изгнорира, да речеме ако се работи за работна средина, тогаш е избегнување.
Избегнување одговорност – Префрлаат вина на другите или на надворешни фактори. Никогаш за ништо не се криви и ако евентуално ги фатите дека сепак се за нешто криви тогаш се префрлуваат веднаш во својство на жртва и тврдат дека биле предизвикани. Но, ова е ретко, најчесто нема да признаваат вина и нема да чувствуваат каење. Напротив, задоволство им е да навредат или повредат нечиви чувства.
Индиректни обвинувања – Ќе направат некои работи кои индиректно ги обвинуваат другите. Обично преку нивните монолози на тема „јас колку сум добар, а они мене што ми правеа“, со генерално измислена содржина на случки од животот.
Саботажа – Можат намерно да попречат во реализација на плановите или работите на другите, било со минимално ангажирање или со внесување негативна енергија, за ете така, од ќеиф. Некогаш може и да имаат некоја корист ама далеку се од тоа да го прават стратешки и да ја наведат работата на нивна страна како на пример нарцисите или социопатите.
Скриено избегнување на конфронтација – Наместо директно да го кажат своето мислење или несогласување, пасивно-агресивните луѓе можат да се однесуваат на начин кој покажува дека не се сложуваат, но избегнуваат отворен разговор. Се постмеваат, мумлаат или почнуваат да си чепкаат во телефон.
Двојни пораки – Испраќаат мешани пораки, зборувајќи нешто, а покажувајќи друго со говорот на телото. На пример, може да речат „нема проблем“ со лут тон и затегнато лице. Телото и муабетот како да не се од ист човек.
Ако не можете да ги избегнете овие луѓе, ако се со вас на работа или членови од семејство, пробајте да воспоставите граници и инсистирајте на отворен разговор. Ако пасивно-агресивно ви се однесува некој од друштво или партнер, не губете време со овие енергетски вампири, ценете се повеќе, заслужувате подобро.