Работи кои ги сфаќаме подоцна
Животот е полн со лекции, обиди, неуспех, повторно подигање, учење и движење напред. За секој тежок период велиме „беше добра лекција“ ама стварно па не мора да учиме баш на потешкиот начин. Добро ќе беше некако да ги научевме важните работи полесно и без тоа траумите од кои влечевме лекции.
Луѓето ќе се согласат со вашата проценка за себе (затоа сакај се себе и цени се)
Многу жени се борат со ниската самодоверба. Ниската самодоверба може да биде предизвикана од многу нешта, траума, злоупотреба или занемарување, но без оглед на тоа, ние сме на крајот одговорни за одредување на нашата вредност. Вредноста што сами ќе си ја определиме е вредноста која ќе ја прифатат другите, затоа биди свесна што носиш на маса, не се потценувај и имај критериуми. Кога сме девојчиња често се очекува од нас да бидеме слатки и пасивни, но како што старееме сфаќаме дека тоа е рецепт за катастрофа.
Ама за да се засакаме себе како што треба и за да ја видиме сопствената вредност мора да поминеме низ лошо и добро и да работиме на себе. Оваа лекција најспоро се учи.
Вие сте одговорни за тоа како другите се однесуваат со вас
Ова не е обвинување на жртвите туку сосема спротивно. Ги учите луѓето како да се однесуваат со вас со тоа што го толерирате од нив. И од вас зависи да поставите лични граници за да се осигурате дека никогаш нема да добиете лош третман. Како што рече поранешната прва дама на САД и активист Елинор Розвелт, „Никој не може да направи да се чувствувате инфериорни без ваша согласност“.
Ова е моќно сознание што, за жал, многу жени го сфатиле дури по години компромитирање на нивните потреби.
Вашиот став е сè
Ништо не го одредува квалитетот и исходот на вашиот живот повеќе од вашиот став. Позитивниот начин на размислување и саморазговорот ќе ве направи посигурни, успешни и ќе обезбеди да ги привлечете вистинските луѓе и можности. Тоа ќе го поттикне начинот на размислување за прогрес, а со тоа ќе ја зголеми веројатноста дека ќе ги надминете неизбежните пречки и неизбежните предизвици што ги носи животот.
Ама и ова го учиме на потешкиот пат, дури откако ќе сфатиме дека не треба да се сомневаме во себе и дека е сосема нормално да имаме став за нешто па и да е поинаков од тој на околината.
Ако не се труди да биде со вас, тој не сака да биде со вас
Љубовта е незгодна и често разумот излегува низ вратата кога се работи за емоции. Приказни, филмови и книги нé учеа дека ако нешто многу сакаш ќе ти се исполни, ако бидеш доволно стрплива тој ќе види дека си ти вистинската, ако си доволно мила и толерантна тој ќе сфати дека нема да најде подобра… Сé научивме освен да ги контролираме емоциите што е многу важно уште од рано детство. Но, колку недели/месеци/дури години од животот на една жена се изгубени за некој што не е заинтересиран?
Затоа ова е толку клучна лекција, и за жал, лекција што многумина ја учат предоцна во животот (ако воопшто ја учат). Маж ќе помести планини за да биде со жената што ја сака. Тоа е толку едноставно. Значи, ако вашите чувства се невозвратени, имајте сила (и самопочит) да заминете. Лекцијата е ова: не ставајте никого приоритет во вашиот живот ако вие не сте приоритет во нивниот живот. Знаејќи го ова потенцијално ќе ве спаси години од непотребна болка во срцето и понижување.
Тој што ве малтретира не е вреден за вашите солзи
Тажен факт е што многу жени инвестираат премногу време во луѓе кои не можат да ја видат нивната вредност и не ги третираат правилно. Но, она што тие треба да го запомнат е дека секој што ги малтретира или злоупотребува, веројатно нема да се промени, не го заслужува нивното време и секако не вреди за нивните солзи. Штета е што многу жени учат предоцна во животот кога доживеале толку многу фрустрации и болки.
Запомнете го цитатот: „Бидете со тој што ви го уништува карминот, а не маскарата“. Амин.
Инвестирањето во вашето здравје е најдобрата инвестиција
Кога сме млади и фит, тежнееме да не размислуваме за тоа како нашите тела ќе стареат. Но, тие ќе го направат тоа! Значи, уште една животна лекција што многу жени ја учат предоцна е дека инвестирањето во здравјето е задолжително. А најдобро време да инвестирате во иднината на вашето здравје и фитнес е кога сте млади и можете да развиете одржливи навики кои ќе траат цел живот. Не треба да бидат интензивни дневни тренинзи, но барем погрижете се да вежбате и да ги одржувате вашите зглобови еластични и флексибилни. И како што старееме, одржувањето на мускулниот тонус и здравата телесна тежина стануваат се попредизвикувачки, па вреди да се потрудите со текот на годините да го одржувате вашето здравје и кондиција на вистинскиот пат.
И не носење одлука е одлука
Уште една лекција што некои жени ја учат предоцна во животот: дека неодлучувањето е одлука, ама ретко добра. Комфорт зоната ги убива соништата, ако она што го правиме не е предизвик, не растеме. Стагнацијата е непријател кога станува збор за реализација на вашиот потенцијал и вашето исполнување. Затоа, не избирајте лесен живот кој не ве турка или не ве инспирира да станете подобри. За секоја ваша одлука или неодлука има последици!
Не слушајте што ви зборат, гледајте што прават
Луѓето можат да зборуваат убаво, некои се надарени за тоа, може да биде тешко да се препознае што навистина мислат или чувствуваат. Но, никогаш нема да погрешите со тоа што ќе ги процените намерите на луѓето преку нивните постапки. Како се однесуваат со луѓето, на што вложуваат труд и како го поминуваат времето ќе ви каже сè што треба да знаете.
И за многу жени, ова сознание доаѓа премногу доцна во животот и откако ќе поминат години верувајќи им на недостојните луѓе. Тешко е да се проголта, но е неопходно.
Секогаш сте биле способни и доволни
Сите сме се почувствувале како да не сме доволни некому или како да не сме способни да ги задоволиме нивните потреби. Наместо да сме знаеле дека си имаме работа со луѓе на кои сме им неважни и кои нé гаслајтале со нивните критики, ние сме се сомневале во себе, така? Ако некои не извлекле поука од ова, често се сомневаат во нивните таленти и способности, дури и да се самосвесни за своите вештини. Ова е прилично вообичаено искуство за многу жени. Но, за жал, како што стареат (и стануваат помудри), многу жени сфаќаат дека навистина имале капацитет да постигнат повеќе отколку што постигнале.
Значи, не се сомневајте во себе. Никогаш.
Понекогаш мора да ги пуштиш луѓето да си одат (но оние што треба да останат ќе го направат тоа)
Иако е тажен факт, но повеќето од вашите пријателства не треба да траат. Некои луѓе ќе влезат во вашиот живот кога ќе ви треба поддршка или да научите лекција. Другите ќе заземат цело поглавје и ќе ви донесат многу радост. Но, ќе дојде време овие пријателства да завршат, понекогаш ненадејно и болно или понекогаш тие само полека ќе исчезнат. Потоа, постојат пријателства кои остануваат со вас во текот на целиот живот, растејќи и трансформирајќи се како и вие.
Тешко е, но мора да бидете подготвени да ги пуштите луѓето да си одат. Но, бидете сигурни, оние кои треба да останат во вашиот живот секогаш ќе останат.
Мислењата на луѓето за вас немаат никаква врска со вас
Прво, што мислат луѓето за вас не е важно. Ајде да почнеме од таму! Но, она што можеби не е толку очигледно е дека она што другите го мислат за вас често нема никаква врска со вас. Всушност, нивните мислења се формираат од нивните несвесни предрасуди, нивните минати искуства, нивните очекувања, нивната несигурност и нивните лични преференци.
Ова е лекција што многу жени ја учат откако ќе поминат голем дел од својот живот грижејќи се за тоа што мислат другите или се обидуваат да ги импресионираат. Кога ќе стареат, сфаќаат дека најважно е нивното мислење за себе.
Годините носат мудрост и лекции од животните искуства. Кога некој од родителите ќе ни кажеше некоја лекција за животот или некое мислење за нашите пријатели, ние се бунтувавме. Всушност животот носи искуство, а искуството лекции. Затоа кога си постар полесно препознаваш карактери, точно знаеш што ќе трае, а што не, не двоиш ни минута за небитни работи и не се замараш со глупостите со кои си се замарала на пример како тинејџерка. Ама да сме го имале овој памет тогаш…