Некои работи ги праам у пет до дванаес некои у пет до никад, зависи за кого се!

Синдром на малтретирана жена

И кога се случува?

Под синдромот на малтретирана жена (battered women syndrome) спаѓаат низа на психолошки симптоми, како последица на долготрајно физичко, сексуално и психолошко насилство односно семејно и интимно- партнерско насилство поради што жената се соочува со голем број проблеми во нејзината ресоцијализација, комуникацијата, самоконтролата и многу други забележани симптоми.

Психологијата го препознава овој синдром како поткатегорија на посттрауматското стресно нарушување (ПТСР), па затоа и терапевтскиот пристап е насочен кон „лекувањето“ на траумата. Професионалците како што се психолозите, психотерапевтите и психијатрите користат охрабрувачки техники, за да можат да дадат соодветен третман на жртвата.

Oвие жени многу често минуваат низ неколку фази, и тоа:

Одрекување – односно неприфаќање на реалноста дека насилството се случило;

Вина – верување дека самата го предизвикала насилството и е виновна за тоа;

Освестување – станува свесна за насилството и знае дека со ништо не го заслужила тоа;

Одговорност – прифаќање на фактот  дека насилникот е виновен и ја носи целосната одговорност за насилството, и најчесто ова е моментот кога ќе се обиде да ја напушти насилната средина.

Некои жени кои страдаат од синдромот на малтретирана жена, за жал, никогаш не ги надминуваат првите две фази, поради повеќе причини меѓу кои и останување во брак/врска поради децата, финансиска зависност од насилникот, недоверба во своите способностидолгогодишна невработеност, страв од заминување, ниска самодоверба (најчесто предизвикана од однесувањето на насилниот партнер), но и неоснована верба/ надеж дека тој ќе се смени. Истовремено, овие жени живеат во постојан страв од тоа што „ги чека“ секој нов ден,и при секое излегување од домот  се движат со страв ,а дека насилникот ги следи и демнее.

Како да препознаеме жена која страда од синдром на малтретирана жена? Околината на жена жртва игра многу важна улога во забележувањето на знаците на насилство и поддршката таа да пријави и да се избори со ситуацијата во која се наоѓа. Неколку од најчестите знаци се:

– Постојани изговори и избегнување средби со семејството и пријателите;

– Реакции како вознемиреност и непријатност секогаш кога ќе се спомне партнерот;

– емоционална умртвеност или исклучување на емоциите;

– избегнување на силни емоции кои се тешки за процесирање;

– негирање или минимизирање на настани или општата состојба во која се наоѓа;

– видливи знаци како модринки и повреди кои таа не може да ги објасни;

– чести и нагли промени во расположението и однесувањето;

– ограничен пристап до пари, забрана за излегување од домот, забрана да работи;

– постојано проверување повици и пораки и промена во расположение како последица на тоа;

– изразена посесивност од страна на нејзиниот партнерот;

– нарушена слика за своето тело, најчесто негативна;

– проблеми со сексуалното однесување, најчесто избегнување сексуална интимност.

Овие знаци не секогаш се исклучиво поврзани со семејно насилство, но не треба и да се занемарат, особено ако се повторуваат или траат подолго време.

 

Какви последици остава овој синдром кај малтретираната жена?

Синдромот на малтретирана жена е проследен со краткорочни и долгорочни последици меѓу кои и:

– депресија;

– ниска самодоверба;

– чувства на безвредност и безнадежност;

– анксиозност  или силна вознемиреност;

– слаба самоконтрола;

– разнишани врски со семејството и пријателите.

 

Притоа, синдромот може да доведе до долготрајни последици кои потешко се третираат, како:

– посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) изразено преку навраќања на трауматски настани најчесто насилни сцени кои предизвикале силни трауми, неконтролирана агресија и сл.;

– нарушување на здравјето како последица на стресот изразено преку покачен крвен притисок, кардиоваскуларни проблеми, хормонални нарушувања, инсулинска резистенција и покачени нивоа на шеќерот во крвта;

– здравствени проблеми како последица на физичко насилство изразени преку болки во зглобовите и екстремитетите, ревматски болки, хронички главоболки, повреди на репродуктивниот систем, до разни видови физички и сензорни попречености;

– зголемен ризик од развивање на имунолошки проблеми или автоимуни заболувања.

Со овие жени мора да работи сертифициран психотерапевт, заедно со медицински лица кои ќе ја проценат физичката состојба по евентуалните повреди настанати во насилството со цел третирање на истите и превенција на понатамошни компликации на физичкото и општото здравје. Но, најголем предизвик е секако, работата на нејзиното ментално  здравје, враќањето на самодовербата, охрабрувањето повторно да се вклучи во општествените процеси, вклучување на релевантни институции и организации во тој процес и постојана поддршка за да не се чувствува осамена во оваа борба. Ова е комплексен и долготраен процес, кој се содржи од повеќе поврзани и паралелни активности, а се нарекува рехабилитација и реинтеграција на жена жртва на насилство.

Да заклучиме, се работи за сериозно нарушување каде што брзата и навремена реакција е клучна во спречувањето фатални последици, како што се трајни повреди или инвалидитет, па дури и фемицид т.е. убиство на жена, како најекстремна форма на насилство врз жената.