Од утринско трчање редовно го практикувам оноа низ дома ко ќе се успијам

Телфар е новата Биркин

Чанта која ќе станува легенда

Светот во моментот е опседнат со чанта и за чудо не е Биркин, туку нешто што е прилично поевтино. Цената ѝ е меѓу 150 и 300 долари, за разлика од Биркин, која чини и по неколку десетици илјади долари.

Се продава под слоганот „Не е за тебе, за сите е“, но во моментов и за неа има долга листа на чекање и не можат да „навасаат“ со нарачки. Луѓето чекаат секојдневно да им стигне потврда дека повторно се на залиха, за да можат да си ја одберат омилената боја и модел.

Првата продажба беше некаде во август, кога секој можеше да нарача колку сака примероци, но и тие сè уште ги чекаат, бидејќи веројатно ќе им бидат доставени дури во јануари. Е сега, овие чанти постојат на пазарот од 2016 година и ретко кој им ја забележуваше практичноста, но и едноставниот дизајн кој одговара речиси на секој моден стил.

Што се случи за таков пресврт? Конкретна и прецизна маркетинг кампања, нормално. Нивните начела се дека прават чанти по потреба, за да не треба да ги продаваат по прениска цена потоа, но и во исто време штедат на материјал, а со тоа и не создаваат непотребен отпад – нешто што го прават големите брендови кои масовно произведуваат. Со Телфар, поимот луксуз добива скроз друга смисла, бидејќи тие се клучните зборови и фрази на кои реагираме денес: тренд, екологија, нула отпад, дизајн и луксуз.

Оние кои веќе ја имаат, меѓу кои и Соланж, на Бијонсе сестра ѝ, и конгресменката Окасио-Кортез, повеќепати изјавиле дека се работи за практичен моден додаток, а веќе и по социјални мрежи може да се најдат фотографии од сопственички, а за волја на вистината и сопственици, кои ја користат основата за на неа да сликаат, додаваат стикери, а со тоа креираат уникатен дизајн кој никој друг го нема.